Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот за состав на новата влада на Димитар Ковачевски, претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.
„Врз основа на член 84, став 1, алинеjа прва од Уставот на Република Северна Македонија и известувањето за предлогот за мандатaр доставено од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а поддржано од политичките партии во состав на коалицијата, кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието на Република Северна Македонија, за мандатар за состав на Владата го определувам г. Димитар Ковачевски, претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија“, рече претседателот Пендаровски.
Мандатарот Ковачевски се заблагодари за довербата и порача дека од денеска ќе почне да го составува својот кабинет. СДСМ и владината коалиција сега имаат 64 пратеници и се очекува новата влада да биде изгласана по Божик.
„Живееме во турбулентни времиња, времиња на кризи и неизвесности. Соочени сме со долгогодишни проблеми кои го попречуваат напредокот на државата и остварување на стратешките цели. Ваквите времиња бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе кои ќе понесат одговорност да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните“, рече Ковачевски.
Како цели на идната влада, тој ги наведе „обезбедување сигурност, подобар живот и светла иднина за нашите граѓани“. Вети дека неговиот тим ќе владее чесно и одговорно.
„За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам“, порача претседателот на СДСМ и мандатар.