Синдикатот на УПОЗ ги отфрла обвинувањата од владата за политизација на протестите, истакна претседателот Трпе Деаноски на денешниот протест пред Министерството за култура.
„Секој обид на Владата или политичките партии да докажат дека зад протестите стои политика ќе биде залуден“, порача Деаноски, додавајќи дека протестите се исклучиво во интерес на работниците, и во нив нема никаква политизација како што велат од Владата.
Владата денес изјави дека протестите на УПОЗ се малициозни и политички мотивирани, додека платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
„Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување на договор со сите синдикални организации преку дијалог. Секој предлог или сугестија од синдикатите се дискутира, се со цел да се изнајде решение прифатливо и во интерес на граѓаните,“ стоеше во соопштението испратено од Владата
Деаноски упати апел до опозицијата да не ги користи протестите за политички цели, посочувајќи дека токму таа имала седум години да го реши проблемот. Наместо тоа, донела мерки што го ограничиле колективното договарање и дури поништила колективен договор.
Деаноски потсети дека Синдикатот на УПОЗ е активен во борбата за правата на работниците, организирајќи три штрајка и најмалку 20 протести од 2022 до 2024 година.
Деаноски изјави дека протестите ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот. А во петок е најавен протест од 11 до 12 часот, кој ќе се одржи пред Министерството за финансии.
Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција посочи дека не биле исполнети законските услови за протестот што се одржа од страна на Синдикатот на УПОЗ. Додаде дека постојат сомнежи дека истиот е политички мотивиран.