fbpx

Претседателот Иванов и Груевски го честитаа Денот на независноста

-

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„По многувековни борби, незапирливиот македонски стремеж за слобода го остваривме на 8 Септември 1991 година. На 8 Септември ние не гласавме за различни партии, туку за една и единствена заедничка Република Македонија. Гласавме за држава во која слободно ќе ги оствариме темелните македонски вредности и врвните европски и цивилизациски принципи – владеењето на правото, заштитата на човековите права и слободи, соживотот и почитувањето на различноста. Гласавме за држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и на заедничкиот живот“, вели претседателот Иванов во честитката.

Тој нагласува дека во изминативе 26 години Македонија имала многу тешкотии на својот пат.

„Слободата ја постигнавме, но правдата ни беше ускратувана. Патот до меѓународното признавање и до интеграција беше и сè уште е исполнет со двојни стандарди, негирања и со блокади. Како држава и општество бевме обесправени. Моравме да се бориме за правата што сами по себе ни следуваат – правото на самоидентификација, човечко достоинство и просперитет. Но, и покрај сè, не отстапивме од темелните вредности и принципи. Продолживме да ја градиме Република Македонија како татковина на сите нејзини граѓани, во која македонскиот народ заедно со сите други заедници се дел од македонската граѓанска нација. Не отстапуваме ниту од стремежот за правда, бидејќи сме свесни дека вистинската слобода подразбира и остварување на правдата. А правдата ќе биде остварена кога ќе станеме рамноправни членови на НАТО и на Европската Унија“, истакнува претседателот Иванов.

Честитка до граѓаните упати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој вели дека по многуте искушенија, мора да се остават во минатото „антидржавните и антинационалните политики“.

„Повторно минуваме низ период во кој се отвораат прашања што длабоко задираат во нашиот идентитет и немаме веќе ни малку простор и комоција да дозволиме непромислени одлуки чии последици би ги чувстувале долго во иднина. Антидржавните и антинационалните политики мора да ги оставиме зад нас. Тргување со највисоките државни и национални интереси не смее да се дозволи. Убеден сум дека единствени и сплотени, со јасно зацртана визија и цел, ќе успееме Република Македонија да ја направиме подобро место за живеење за сите нејзини граѓани, држава каква што сакаме да им оставиме на нашите деца“, се вели во честитката од Груевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...