По долгогодишната практика на некои држави и меѓународни организации при користење на името Република Македонија да додаваат и фуснота во која се објаснува дека Македонија има спор со Грција, која не го признава нејзиното име, и дека во Обединетите Нации земјава се води како Поранешна Југословенска Република Македонија, сега и претседателот на државата Ѓорге Иванов стана – фуснота.
Имено, по објавата на Законот за јазиците во вчерашниот број на Службен весник на Република Македонија, веднаш подолу е објавен и Указот за прогласување на тој закон, но само со потпис од претседателот на Собранието, Талат Џафери. На местото предвидено за потпис од претседателот на државата, стои само напишано неговото име и „1“ како ознака за фуснота.
Претседателот Иванов одбива да го потпише овој закон, а пак Џафери, кој всушност го испрати за објава текстот на законот, и Заменикот на Генералниот секретар на Собранието, Неџбедин Ибраими, објаснуваат дека претседателот на државата е должен да го потпише законот, бидејќи на 14 март 2018 година и вторпат бил усвоен со мнозинство гласови од пратениците, според член 75, став 3 од Уставот. Интересно е и тоа што е потпишан Заменикот на Генералниот секретар, наместо Генералниот секретар, Цветанка Иванов.
Вториот дел од фуснотата објаснува дека „поради неизвршување на горенаведените обврски од страна на Претседателот на Републиката“, а поради обврската од член 52 од Уставот, претседателот на Собранието е должен да го достави Законот за јазиците во Службен весник за негово објавување.