Денеска започна акцијата „Генералка викенд“ каде во следните три дена волонтери, ученици и вработени од јавните градски претпријатија ќе го собираат ѓубрето. Акцијата во Скопје започна на кејот на Вардар, зад зградата на Владата, но истовремено се спроведува на 500 локации ширум државата во 80 општини.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски го означи старот на акцијата со паролата „Наше Скопје, наша одговорност“, повикувајќи ги граѓаните да бидат поодговорни кога фрлаат ѓубре.

„За нас, чистотата на главниот град е еден од најважните приоритети. Скопје е лицето на Македонија.  Дом на стотици илјади граѓани, во кој секојдневно живееме, работиме, се движиме, ги растеме нашите деца и ги пречекуваме нашите гости. Нашите екипи се на терен, јавните претпријатија се мобилизирани, а целта е да воспоставиме нов стандард на хигиена и грижа за јавниот простор. Но, колку и да работат институциите, градот не може да биде чист ако сите заедно не го чуваме“, се вели во соопштението од Град Скопје.

На настанот се придружиија и повеќе државни функционери и дипломатски претставници меѓу кои претседателката Гордана Силјановска-Давкова, сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Рози Мицкоска, австрискиот амбасадор Мартин Памер, како и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, предводени од министерот Муамед Хоџа и заменик-министерката Ане Лашкоска.

Претседателката Силјановска му посака на градоначалникот Ѓеоѓиевски да го следи примерот на градоначалничката на Париз, Ен Идалго за да го трансформира Скопје во позелен град додавајќи дека „Скопје треба да озелени, ама претходно треба да го исчистиме“.

„Французите имаат еден филозоф, се вика Мишел Сера којшто го напиша делото „Природен договор“. Во него вели дека мора да склучиме пријателски договор со планетата Земја и да ја третираме како рамноправен партнер. Целосно се согласувам со него. За жал, човештвото влезе во војна со планетата, во војна со билките и со животните, а дури и во Библијата тие се појавија први, а ние правниците велиме кој е постар има посилно право. Го заборавивме тоа. И однапред, не само што ја губиме битката со планетата туку и трчаме кон суицид“, изјави претседателката Сиљановска.

Таа упати порака до присутните, иницијативата „Генералка викенд“ да прерасне во секојдневна практика во текот на целата година, апелирајќи граѓаните да водат поголема грижа за просторот околу себе бидејќи тоа е дел од некои култури.

„Ќе ги имитираме Јапонците, тие зачистуваат таму каде што живеат, а кога се овде дури и околу нашите згради, а потем одат на работа“, порача Силјановска.