fbpx

Претседателката на Врховен Адеми: Настаните во Судскиот совет не се добар пример, да се престане со несоодветни толкувања

Претседателката на Врховниот суд на Северна Македонија, Беса Адеми, во интервју за Порталб.мк одговара на прашањата во врска со последните случувања во судството

-

Настаните во Судскиот совет не се добар пример, а изјавите за политички влијанија треба соодветно да се образложат. Најдобар одговор на обидите за политичко влијание или каков било вид на влијание е личниот интегритет и доследното почитување на уставното начело на поделба на власта. Да се ​​почитуваат препораките на меѓународниот фактор и да се престане со несоодветни толкувања и барање виновник за проблемите во Советот кај сите, освен кај оној што ги создал.

Ова го вели претседателката на Врховниот суд на Северна Македонија, Беса Адеми, во интервју за Порталб.мк, во врска со последните случувања во судството.

 

Интервјуираше: Суад Бајрами

 

Како ги гледате последните настани во Судскиот совет во врска со разрешувањето на претседателката Весна Дамева и именувањето на новиот претседател, Сашко Георгиев, сред обвинувања за политички влијанија и непочитување на законски постапки. Дали е тоа добар пример за тоа како треба да постапува телото кое избира судии?

Адеми: Општиот впечаток е дека случувањата во Судскиот совет не се во насока на заложбите за независноста и угледот на судството, градењето на јавната доверба и со препораките во Извештаите на Европската Унија и на Стејт департментот. Според овие извештаи може да се констатира дали одредена институција е добар пример во своето работење. И по овие препораки кои се сосема јасни, прецизни и добронамерни мора континуирано да се постапува. Секое отстапување од укажувањата во релевантните меѓународни извештаи и препораки не може да се смета за добар пример, особено ако е во директна спротивност со етичките и со професионалните стандарди на однесување. Крајно време е сериозно да се сфатат овие укажувања и да се престане со непримерни релативизации, несоодветни толкувања и барање виновник за проблемите во Советот кај сите, освен кај оној што ги создал. Потребно е темелно и долгорочно решение бидејќи секоја импровизација ќе биде со краток рок. Едно од решенијата е донесување на итни и коренити законски измени, во кои ќе се опфатат сите аспекти: законодавниот, професионалниот, функционалниот и етичкиот.

Во оваа насока и поаѓајќи од фактот дека состојбите во Судскиот совет имаат поширок контекст, односно и претходно беа воочливи дискутабилни форми на однесување и одлучување во овој орган, Врховниот суд изминатиот период до Работната група за Стратегијата за реформи на правосудниот сектор поднесе повеќе предлози за подобрување на состојбата, со цел да се заштити судството. Со предложените реформски измени треба да се надминат сите слабости во функционирањето на Судскиот совет. Врховниот суд, исто така утврди и Начелен став за директна примена на Европската конвенција за заштита на човековите права кој се однесува на одредби од Законот за Судскиот совет, но поднесе и Иницијативи до Министерството за правда и до Уставниот суд.

Во врска со вашето прашање за наводите за влијанија во Судскиот совет, тоа беа јавни изјави на членови на Советот, но ваквите изјави треба соодветно да се образложат. Да потсетам дека според Законот се забранува политичко организирање и дејствување во Судскиот совет, особено што Советот со својата работа треба да оневозможи политичко влијание во судството.

Обвинувањата за политички влијанија во судството продолжуваат да бидат дел од вокабуларот на експертите, но и на учесниците на судството кои отворено говорат дека политиката се меша во областа на судството. Вие како Претседател на Врховниот суд, дали доживувате политички влијанија и како управувате со нив?

Адеми: Најдобар одговор на обидите за политички или било какви влијанија е личниот интегритет и доследното почитување на уставното начело на поделба на власта. И ова не смее да биде само флоскула или само декларативно искажан принцип на однесување. Не постои друг начин да се врати угледот на судството освен да се покаже дека судството е отпорно кон влијанија. Секое политичко калкулирање за сметка на донесување законити одлуки мора да повлече одговорност. Се наоѓаме во клучен период за државата и секој судија со цврсто изграден став за владеењето на правото мора на тој начин да покаже углед и авторитет. Но, мора да покаже и одговорност за правата и интересите на граѓаните и за иднината на државата.

Тука говориме и за иднината на судството кое е столбот на државноста. Оттука, обидите за влијанија може да се спречат само кога судијата е решителен и независен и кога со своето постапување и однесување испраќа таква порака до разните центри на моќ кои секогаш ќе имаат тенденција да стават рака на судството. Во моето работење сум како судија и како претседател на Врховниот суд секогаш сум се раководела и се раководам од таа максима и токму од тие причини немало обид за влијанија или пак сум обесхрабрувала да дојде до такво нешто.

Што треба да се направи за да се врати кредибилитетот во судството, имајќи предвид дека во некои судови во земјата продолжува практиката на недостиг на транспарентност и отчетност за судиите?

Адеми: Реформите кои се бараат се реформи од нас самите. Приоритетно е да се работи според препораките на Европската унија и Стејт департментот. Клучен документ за кој верувам дека ќе даде огромен придонес за кредибилитетот на судството е новата Стратегија за реформи на правосудниот сектор во која се предвидуваат измени на повеќе закони кои значат подобрување на квалитетот на правдата и функционалноста на институциите. Ми влева надеж ентузијазмот на Работната група за подготовка на Стратегијата во која навистина се лоцирани сите слабости во правосудството.

Добронамерните критики мора да ги прифатиме, но, исто така, важно е да укажеме дека и некои критики за судството се однесуваат и на другите власти. Кога се вели дека судската власт мора да е независна, се превенира и мешањето на другите власти во работењето на судството. Затоа најважно е да постои силна волја и искрени намери од сите чинители за час поскоро ги завршиме овие промени од законодавен, функционален и етички аспект.

Во врска со транспарентноста, доволно е само да се почитуваат начелата за отворено судство и заклучоците на Советот за отворено судство чија работа е позитивно оценета во Извештајот на ЕУ. Врз основа на принципите на Советот за отворено судство и интензивната комуникација и соработка со Судско медиумскиот совет, Врховниот суд утврди и Начелен став за објавувањето на неправосилните пресуди. Начелниот став беше нотиран во Извештајот на Стејт департментот што беше доста охрабрувачки. Врховниот суд со овие активности ќе продолжи со засилено темпо и во понатамошниот период.

По сите настани во областа на судството изминатиот период, прашањето за ветингот во судството повторно се актуализира како потреба за „чистење во судството“. Дали сметате дека е време Република Северна Македонија посериозно да се занимава со ова прашање, а не само декларативно како што беше и до сега?

Адеми: Во овој период од суштинско значење е да се заокружи процесот со подготовка на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор. Како што напоменав, ова е многу сериозен процес и целиот фокус и енергија треба да биде насочен кон создавање поквалитетни законски решенија кои ќе обезбедат функционалност, ефикасност и транспарентност на судските институции.

Како што и претходно имам укажано за ветингот, треба да се напомене дека како процес тој не е фокусиран само кон вршителите на јавните функции од судската власт, туку кон носителите на јавните функции од извршната и законодавната власт. Ветингот е процес за кој потребен е исклучително сериозен, темелен и целосен пристап. Поучени од регионалните искуства, а имајќи ги во предвид и претходните укажувања на Европската Унија да не се спроведува ветинг во Република Северна Македонија, сметам дека судството има доволно сили и механизми во рамките на постоечките надлежни институции, да ја спроведе потребната проверка на судиите.

Како го оценувате текот на реформите во судството, дали е тоа најслабата „алка“ во европскиот пат за кое не сме работеле доволно?

Адеми: Каков ќе биде пристапот кон имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор, такви ќе бидат и реформите. Од она што сега можам да го проценам и поаѓајќи од тоа дека поголемиот дел од предлозите на Врховниот суд на Република Северна Македонија се прифатени, ветувачка е динамиката и содржината на тековниот процес. Моја искрена надеж и заложба е кон овој процес да се пристапи совесно, стручно и професионално, а најмногу заради нашиот европски пат. Што се однесува, пак, до работата на Врховниот суд можам само да нагласам дека Судот и покрај намалениот број на судии, најмногу поради неизборот на судии од страна на Судскиот совет, ќе продолжи посветено да работи. Главата цел е унапредување на ефикасноста, независноста, транспарентноста и борбата против корупцијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...