Локален моќник озлогласен по сексуално малтретирање жени кои работеле за него во српска провинциска општина добил казна од три месеци затвор на судењето кое се смета за првиот познат случај од движењето за разоткривање сексуално насилство „#MeToo“ во таа земја, извести „Глобал војсис“.

Судењето на 58-годишниот поранешен претседател на општина Брус, Милутин Јеличиќ викан Јутка, завршило на 10 јули 2020 г. извести телевизијата Н1.

Адвокатот што ја претставувал 32-годишната тужителка Марија Лукиќ, која го обвинила поранешниот работодавец за сексуално малтретирање, изјавил:

„Задоволни сме од пресудата и ова е еден добро придвижување за правосудството. „Правда за Марија“ е многу важна иницијатива за Србија, а таа е првата жена што успеала да го прати во затвор еден моќник кој се повикувал на највисоките државни органи, мислејќи дека ќе го заштитат пред судот.“

„Правда за Марија“ – слика од профилот на Твитер на  Марија Лукиќ.

Марија  Лукиќ, мажена мајка на две деца и дипломирана економистка, го пријавила случајот во март 2018 г.

Таа го обвинила тогашниот претседател на општината за континуирано праќање пораки со сексуална содржина по мобилен и за обиди да ја допира на работното место. Полицијата поднела пријава за сексуално малтретирање, сексуално вознемирување и злоупотреба на службената положба.

Лукиќ била отпуштена, а општината донела одлука да го затвори фризерскиот дуќан на нејзиниот сопруг.

Сопругот, кој јавно искажал поддршка за Марија, изјавил дека добивал закани дека полицијата ќе му подметне дрога како изговор да ги апси.

По судењето, Марија Лукиќ твитнала:

„Не, не сум среќна што е осуден на три месеци.
Мирна сум дека знам дека дадов сè од себе, за сите нас.
Мирна сум затоа што агонијата заврши. Условно речено, бидејќи пресудата сè уште не е правосилна.
Мојата совест е мирна.
Го чув она: „Виновен е“.
После сè, само тоа и ми требаше.“

Сторијата привлече меѓународно внимание, при што ја покриваа Икуал тајмс, АФП и СиЕнЕн.

Продемократското политичко движење „Не го давиме/даваме Белград“ („Не да(ви)мо Београд“), кое искажа поддршка за Марија Лукиќ на секое рочиште, искажа солидарност преку изјава, нагласувајќи дека „ниту еден моќник не е помоќен од гласната јавност“.

„Твит: Правда за Марија Лукиќ! Правда за жените од Брус! Правда за сите жени!
Парола на фотографијата: Насилството против жените не застарува.“

На почеток изгледаше дека сексуалниот грабливец има поддршка од владеачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ, а потоа и од Српската радикална партија на осудениот воен злосторник Војислав Шешељ, но обете се повлекле под притисок на јавноста.

Во септември 2019 година, Лукиќ ја добила наградата Освојување на слободата, која Фондацијата „Маја Маршиќевиќ Тасиќ“ ја доделува на жени за промовирање на човекови права, владеење на правото, демократија и толеранција во политичката комуникација.

Балканската истражувачка репортерска мрежа БИРН ја вброи меѓу „Хероите на 2019 година – луѓе кои преземаа акција за позитивни промени“ на Балканот.

Спротивставување на политички играч со јаки врски

Според биографијата на Милутин Јеличиќ Јутка објавена на веб-сајтот за проверка на факти Истиномер, Јутка бил роден 1962 година и од 2000 година држел низа високи политички позиции во општината.

Во 2012 година бил уапсен по пријава за злоупотреба на позицијата. Но судската постапка почнала дури во 2018 година и сè уште е во тек.

Пролетта 2018 година три жени од Брус за весникот „Вечерње новости“ изјавиле дека тој се обидувал сексуално да ги нападне на работното место и дека им праќал пораки со сексуална содржина. Марија Лукиќ била една од нив.

Таа продолжила да зборува со медиумите, објаснувајќи дека во текот на две години по октомври 2015 година, откако станала секретарка во општината, тој и испратил над 15.000 „покани за интимни контакти“ преку СМС.

Јеличиќ ги отфрлал овие обвинувања, тврдејќи дека никого ниту уценувал ниту вршел притисок. Во март 2018 изјавил за медиумите дека Марија Лукиќ побарала подобро работно место и повисока плата. Тој наводно одговорил дека не може да ја постави на  раководна позиција пред да заврши факултет. Тој исто така рекол дека се сомневал дека некој друг ги праќал пораките, оти често го имал оставано својот мобилен во партискиот штаб преку ноќ.

Полицијата го повикала Јеличиќ на испитување во март 2018 година. Судењето започнало скоро една година подоцна, на 5 февруари 2019 година.

Судот го обвинил Јеличиќ само за случајот на сексуално малтретирање на Марија Лукиќ, наспроти тоа што вкупно седум жени го пријавиле за обид за присилување на непосакувани сексуални односи.

Сите тие седум жени изгубиле работа, по што не можеле да најдат нови вработувања во малата заедница во Брус. Некои од нив решиле да се преселат во други места во Србија, или во странство.

Во март 2019 година Јеличиќ дал оставка на функцијата претседател на општината под притисок на јавноста. Но тој не излегол од политиката, туку ја напуштил владеачката партија СНС и се приклучил на екстремната десничарска Српска радикална партија.

Во јуни 2019 г. општинското собрание изгласало да му се врати позицијата на член на општинскиот совет, со што повторно формално правно можел да се кандидира за градоначалник.

Учествувал на изборите во јуни 2020 година, при што си водел кампања на чело на нова изборна листа „За модерен Брус“ иако бил под истрага. Притоа, полицијата наводно не можела да го пронајде за да го донесе на судските рочишта.

Бил победен на изборите од неговата поранешна партија СНС.

Протест во Белград на 8 март 2019 година со учесници кои држат пароли „Правда за Марија Лукиќ“. Фотографија од Пешчаник, CC BY-SA 4.0.

Опстојување во услови на цензура, закани и контратужби

Во февруари 2019 г. Марија Лукиќ се појавила во ТВ емисијата „Животот раскажува“ („Живот прича“) на ТВ Прва, за да зборува за случајот. Но во истиот термин, кабловската компанија во нејзиниот град го прекинала телевизискиот сигнал во целата општина заради „технички проблеми“.

Официјално, причина за прекинот било прекин на струјата во зградата во која е сместена техниката на кабелската компанија.

Во март 2019 година Лукиќ добила смртни закани преку Твитер од претходно непознат човек, кој велел дека нејзината иницијатива претставува „закана за режимот“ и дека ќе била „елиминирана“ како косовскиот српски политичар Оливер Ивановиќ, врз кого во јануари 2018 година беше извршен атентат.

Откако го пријавила во полиција, мажот што ги искажал заканите се извинил, со изговор дека имал „психолошки последици“ од премногу работа. Не е познато дали полицијата спровела кривична постапка против него.

Во септември 2019 година, Јутка покренал и тужби за навреда и клевета против новинари што известувале за случајот. Прво ја тужел новинарката на дневниот весник „Блиц“ Ивана Мастиловиќ Јасниќ и нејзиниот уредник Предраг Михаиловиќ. Во ноември 2019 година веб-сајтот посветен на слободата на изразување во Србија „Цензоловка“ известил дека истиот политичар поднел тужба и против весникот „Данас“ за нанесување душевна болка.