Едно лице е убиено, а две се повредени во престрелка што ноќеска се случила во скопската општина Чаир.
Инцидентот се случил помеѓу две групи на паркинг поради претходно недоразбирање во сообраќајот.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека на Клиниката по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје синоќа биле донесени две лица на возраст од 35 години со повреди од огнено оружје, кои учествувале во пукањето.
На повредите им подлегнал Х.Б. од Скопје, а над А.Д., исто така од Скопје, била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Со повреди од огнено оружје се здобил и Н.Д. кој бил пренесен на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во врска со случајот, приведени се неколку лица.
„По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 1:40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б. (39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д. (22) од Скопје, додека подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р. (41) и К.Т. (28), двајцата од Скопје. Лицата биле задржани во полициска станица“, велат од МВР.
Од Јавното обвинителство соопштија дека извршиле увид на местото каде што се случил оружениот инцидент.
Според сознанијата на обвинителството, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење.
Обезбедени се и снимки од видеонадзор кои се прегледуваат.
Обвинителството издало наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи и на целосно испитување на настанот и утврдување на причините.