Фото: Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев денеска на седницата за пратенички прашања во Собранието говореше за последните случувања со бегството и враќањето на Сашо Мијалков пред утрешното изрекување на пресудата во случајот Таргет-Тврдина.

„Тоа што секој сегмент на нашето општетсво, а тоа е извршната власт, преку Министерството за внатрешни работи и тоа за правда, судската власт преку судовите и Обвинителството преку самите обвинители, го завршија својот дел од работата, за да нема каде да се крие, да бега, да калкулира, обвинето лице кое е пред изрекување на казна затвор, а тоа е Сашко Мијалков и се појави во Обвинителството, се предаде“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека целиот овој амбиент вчера ја испратил пораката дека системот може да биде ставен во функција, почитувајќи ги законите.

Премиерот Зоран Заев рече дека само со владеење на правото може да се спроведат реформите и во другите области, со цел рамноправност со развиените земји.

„Граѓаните треба да знаат дека 11-годишниот режим има оставено траги на коруптивен и влијателен начин, а сепак има разрешници на вака крупни случаи, коишто се симбол на борбата против криминалот и корупцијата“, констатираше премиерот Заев, додавајќи дека македонското правосудство, дел од предметите донесе до завршници во прв степен, дел предметите се завршени, а некои се пред пресуда, како што е овој важен случај со прислушувањето.

„Обвинителите и судиите никому ништо не должат. Треба да ја зголемат ефикасноста, транспаретноста, делењето на правдата еднакво за сите, за да имаме реформирано правосудство како трајна придобивка“, порача премиерот Заев на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.