Фото: Влада

Премиерот Зоран Заев, заедно со своето семејство во својот дом во Струмица, ја исполни граѓанската должност и законска обврска и ја спроведе постапката за попишување, информираат од Влада.

Како што истакна тој, на овој начин тие станаа партнер во овој процес за да може државата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата врз основа на добиените податоци да обезбедат подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија.

„Остануваат уште 4 дена до крајот на најважната и најсложена статистичка операција – Попис на населението, домаќинствата и становите, којашто ја спроведува Државниот завод за статистика. По 20 години, конечно нашата држава ќе добие релевантни и актуелни податоци кои понатаму ќе бидат основа за креирање на реални политики кои во целост одговараат на потребите на граѓаните,” рече Заев.

За оваа операција да биде целосно успешна останува и понатаму апелот, нагласи премиерот Заев, да ги пречекате попишувачите и низ едноставна постапка и за многу кратко време секој граѓанин да го даде својот придонес и со тоа да имаме успешен попис како гаранција за сигурна и предвидлива иднина за сите нас.