Преку „Скопје 2014“ кич тура КРИК се вклучува во одбележувањето на 300-годишнината од раѓањето на Кант

По патеките на (не)разумното'' е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како „Скопје 2014“ кич тура

Илустрација: КРИК

Деветотто издание на КРИК фестивалот за критичка култура завршува в сабота (26 октомври) со настанот насловен „Низ патеките на (не)разумното – 300 години од раѓањето на Имануел Кант“.

„Во партнерство со Гете институт – Скопје, Контрапункт му го посветува 26 октомври (сабота) на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање. Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ“, велат од КРИК.

„По патеките на (не)разумното” е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како „Скопје 2014“ кич тура. На одредни точки од прошетката публиката ќе има можност да ja слушне и музичката интерпретација на оваа тема преку визијата на Алембик (Ива Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг).

Прошетката ќе започне во 15:30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17:30 часот.

Вториот дел од критичкото дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата што ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18:30 часот. Панелисти ќе бидат Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Модератор е Артан Садику, а воведничарка е Тијана Ана Спасовска.

„Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено, може да се применат на новите знаменитости воведени од Скопје 2014, и воопшто, на клучните прашања кои креираат еден јавен, критички, и општествен простор. Фундаменталната идеја на Кантовата „критичката филозофија“ е човечката автономија како предуслов за функционалната заедница“, велат од КРИК.

Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има за цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива, адресирајќи ги современите предизвици со кои се соочуваме во Европа, Балканот и поконкретно Северна Македонија. Токму затоа, во фокусот се „етиката на единството“, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет и „естетика на хармонијата“, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион кој се карактеризира со културен диверзитет.