Британската влада инвестира 10 милиони фунти за да обучи еден милион ученици на Западен Балкан со дигитални вештини за иднината.
Проектот „Училишта на 21 век“ од денеска ќе стартува и во нашата држава и ќе бидат опфатени 330 основни училишта. Децата на возраст од 10-15 години ќе имаат можност да развијат вештини за критичко размислување, решавање на проблеми и кодирање.
Секое училиште ќе добие по 20 „Микро: бит“ уреди за кодирање, кои што ќе им помогнат на младите да стекнат нови дигитални вештини на забавен и интерактивен начин.
Британскиот државен министер за Европа, сер Алан Данкан во видео-обраќање нагласи дека среќен е што оваа програма се започнува на 30-годишнината од основањето на глобалната интернет мрежа (world wide web).
„Го правиме ова, бидејќи сакаме да помогнеме регионот да стане просперитетен и стабилен, Развојот на вештини во 21 век ќе помогнат да се создадат следна генерација технолошки претприемачи и ќе помогне да се создадат повеќе работни места“, рече Данкан.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека овој проект е пресвртница во образовниот процес.
„Денешното образование ќе ги остави децата без работа. Има голема неусогласеност помеѓу понудата и побарувачката. Преку овој проект се покажува дека учењето може да биде и забавно. Кодирањето не е ИТ вештина туку начин на размислување и логика. Во иднина 90 проценти од работните места ќе бараат основно ниво на дигитални вештини. Образованието е предуслов за да создадеме такви кадри“, рече Манчевски.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј нагласи дека децата преку оваа програма развиваат вештини преку иновативни и креативни начини, разваат критичко мислење и способност за решавање на комплицирани проблеми.
Министерот за образование Арбер Адеми порача директорите на училиштата и наставниците да бидат максимално ангажирани, да учествуваат во обуките и суштината на соодветен начин да ја пренесат на децата.
Во сите школи ќе има обучувачи за овој проект кој ќе трае три години, а Адеми посака програмата да стане дел од образовниот процес.
Британскиот совет ја воведе програмата како пилот –проект во 20 училишта, а според директорката Елеонора Запрова добиле многу позитивни реакции од учесниците.
За време на презентацијата на проектот, најдобрите ученици го презентираа сработеното, а ќе се натпреваруваат и на регионално ниво на Дигиталниот самит за Западен Балкан, кој ќе се одржи во Белград.