Студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје ги започнаа своите активности со првиот подкаст „Јустинијан збори“. Посочуваат дека ваков подкаст освен на Правниот, треба да има и на останатите факултети.

„Со овој подкаст сакаме да имаме едно наше место, еден вид на платформа каде наши другар/ки, студент/ки професор/ки и други релевантни субјекти ќе можат отворено да разговараат за своите мислења и ставови, дали за политика, дали за право“ – вели Димитар Тромбевски, студент на Правен факултет и еден од водителите во првата епизода на „Јустинијан збори“.

Преку подкастот како нетрадиционален начин на комуникација и информирање сметаат дека на еден нов и свеж начин ќе успеат да им ги пренесат информациите на студентите дома, поради околностите со корона кризата.

Во однос на името „Јустинијан збори“ велат дека е еден вид реакција.

„Името е последица на фактот што нашиот факултет многу често се наоѓа во позиција да не коментира збиднувања и настани што се случуваат и во државата и во странство. Вклучително тоа се гледа и на бројот на научните трудови што ги публикуваат нашите професори“ – додава Никола Донев, студент на правни студии на Правен Факултет.

Со ваков виртуелен начин на онлајн комуникација веруваат дека студентите ќе можат слободно да се изразат и да коментираат за настани во државата и светот што нив ги засегаат, особено од аспект на Западен Балкан.

Во првата епизода студентите зборуваа за самиот концепт на подкастот, а потоа дебатираа за изборите во САД. Во емисијата учествуваше и претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов, кој исто така се надоврза во разговорот за изборната кампања во САД.

Најавија слушателите и гледателите да очекуваат нова емисија секоја среда, а нивните известувања за активности да ги следат на социјалните мрежи.