Преку платформата „Млади претприемачи“ може да се соберат пари за бизнис идеја

Фото: Национален младински совет

Ако имате идеја за младинско социјално претпријатие, но немате почетен капитал кој можете да го вложите во негово основање или унапредување, финансии може да обезбедите преку платформата „Млади претприемачи“, информира Националниот младински совет на Македонија. „Млади претприемачи“ е алатка за друштвено финансирање на која младите можат да ги претстават своите иницијативи за социјални претпријатија и потоа да соберат финансиска поддршка од јавноста за нивна реализација.

„Оваа алатка е замислена како ресурс за нови, но и за постоечки иницијативи и нуди помош во секој чекор од процесот на реализација и промоција на вашата бизнис идеја“, велат во советот.

Заинтересираните треба е да се регистрираат на платформата со креирање на кориснички профил. Потоа, треба да ги внесат податоците за претставување на иницијативата, нејзиниот назив, поле на дејност, опис. Веб-платформата „Млади претприемачи“ е креирана од страна на Националниот младински совет на Македонија, со финансиска поддршка на ЕУ. Целта е да се поттикне економско зајакнување и развој на социјалното претприемништво, како модерен начин за самовработување на младите. Повеќе информации има на овој линк.