Преку патарините плаќаме за кредитите, каматите и провизиите за автопатите (видео + инфографик)

И покрај тоа што ги имаат едни од најниските плати во Европа, македонските граѓани сепак плаќаат многу скапи патарини. Надоместокот за извозен километар со автомобил изнесува 2,6 денари, а усвојувањето на новата цена на патарината во 2014 година беше оправдано од ВМРО – ДПМНЕ со тврдењето дека светската економска криза завршила и висината на надоместокот мора да се зголеми за износот што возачите претходно го плаќале до 2008 година.

Најмногу штета од високата цена на патарините чувствува локалното население и оние кои секојдневно патуваат на работа или студии во Скопје. Тие се приморани да плаќаат речиси двојно повисока патарина од граѓаните што ја минуваат идентичната километража во соседните земји, бидејќи Јавното претпријатие за државни патишта не предвидело издавање на месечни и годишни билети за патарина што обезбедуваат попусти за редовните возачи.

Возачите во соседството плаќаат помалку

Колку за споредба, секој граѓанин на Србија има право да извади месечна или годишна карта за патарина за било која дестинација. Цената на месечната карта се добива откако ќе се помножи цената на патарината за одредена дестинација со 40. Притоа, цената на патарината за изминат километар со автомобил во Србија е 1,9 денари, при што од 1 јули годинава таа се искачи на 2,1 денари. Во Грција, локалното население што секојдневно патува на одредена патарина долж автопатот Солун – Атина добива попуст и до 80 отсто на месечниот надоместок за оваа услуга.

Во Албанија, за граѓаните што живеат долж автопатот „Ибрахим Ругова“ им е обезбеден попуст при редовни патувања во текот на месецот. За 80 евроценти по правец, возач од Кукс може да го помине целиот автопат во правец кон Тирана. Во Косово воопшто не се изградени патарини, а граѓаните плаќаат единствено патна такса при регистрација на возилата.

Конечно, Бугарија е единствената соседна земја што нема патарини на своите автопати, туку наплаќа со вињетки. Наместо граѓаните да плаќаат надоместок за изминат километар, бугарските возачи плаќаат за возење за одреден временски период. Електронските вињетки се купуваат на Интернет и можат да траат 1 викенд, 1 недела, 1 месец, 3 месеци или 1 година. За колку подолг период се купува, толку вињетката во Бугарија е поевтина по единица време.

Нашиот источен сосед не е единствен во Европа што го користи ваквиот начин на наплата. Австрија, Романија, Молдавија, Швајцарија, Словенија, Словачка, Чешка, Унгарија и Латвија во моментов користат вињетки.

Патарина vs вињетка

Професорката Верица Данчевска од Техничкиот факултет од Битола смета дека висината на македонските патарини не е прилагодена со стандардот на граѓаните. За постојниот начин на наплата на патарина, вели таа, немаат усогласен став ниту експертите. Системот за едни е поволен, бидејќи сите корисници плаќаат според изминати километри.

– Негов недостаток е што нема одредени поволности на оние корисници кои изминуваат голем број на километри во текот на годината – нагласува професорката.

Наспроти ова некои експерти сметаат дека оние што повеќе ги користат патиштата треба да плаќаат поголема сума, бидејќи токму тие повеќе ги амортизираат патиштата.

Македонските патарини влечат пари несоодветно на стандардот на граѓаните. Фото: Бојан Блажевски

Според директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, македонските возачи не плаќаат највисоки цени за патарина. Тој нагласува дека Србија има затворен систем за наплата на патарина, кој значи поставување на наплатна рампа на секое исклучување или вклучување на автопатот, вклучувајќи ги ѝ патарините пред самите гранични премини.

За разлика од нив, Македонија со децении наназад има отворен систем за наплата на патарина. Ова значи дека на одредени места на автопатите се поставуваат наплатни рампи, на кои се плаќа за изминатото растојание.

– Со отворениот систем за наплата некогаш добиваш, а некогаш губиш – посочува Китанов.

Како пример, тој ги наведува граѓаните од Куманово што патуваат кон српската граница, а кои со отворениот систем никогаш не плаќаат за извозените километри на тој дел од автопатот.

Воедно, првиот човек на ова јавно претпријатие смета дека вињетките како систем им се погрешно претставени на македонските граѓани.

– Никој не кажува дека вињетката, штом излезеш од градот, на регионален пат, а да не зборуваме за на автопат, ти мораш да ја имаш купено. Што значи тоа? Ако денес од Центар до Драчево одиш само еднаш во 15 дена, ти треба да ја платиш целата сума – нагласува Китанов.

Од воведувањето на вињетките во загуба би биле голем дел од граѓаните, бидејќи и со едно патување по пат од понизок ранг во околината на градот ќе треба да купат вињетка. Дури и да станува збор за 2 километри регионален пат, вели тој, системот за плаќање со вињетка бара да се плати целата сума на надоместокот за една недела или еден месец.

Вињетката како систем за плаќање е спорна и за Европската Унија, која со најновата одлука ги приморува нејзините земји – членки да усвојат нов систем по кој граѓаните би го плаќале надоместокот по изминат километар за возилата. Замената на вињетките со електронска наплата на патарина во ЕУ треба да се воведе до 2023 година за автобусите и за камионите, додека автомобилите ќе мора да се приклучат на новиот систем најдоцна до 2027 година.

Од друга страна, професорката Данчевска нагласува дека сегашниот начин на наплата на патарини во Македонија е застарен.

– Поради зголемувањето на употребата на возилата, наплатните станици ќе немаат доволна моќ да ги прифатат сите возила од патната инфраструктура – вели таа.

Во многу европски земји веќе е воведен современ електронски систем на наплата без застанување на возилата, што треба да се спроведе и кај нас.

Електронската наплата на патарините доцни со реализација повеќе од три години. Фото: Бојан Блажевски

ЈП за државни патишта неодамна воведе електронски систем за наплата на патарина, кој им овозможува на возачите попусти од 2 до 7 отсто доколку плаќаат со смарт картичка или со таг. Најголема корист од новиот систем имаат автотранспортните претпријатија и камионџиите. Токму тие имаат можност за да добијат попуст од 7 отсто за патарина, бидејќи услов за намалувањето е да се надополни електронскиот уред за сума од над 300.001 денари. Но, ова е миналем попуст за индивидуалните возачи и не прави голема разлика во сумата што тие годишно ја одвојуваат за патарина.

Приходите растат заедно со незадоволството на граѓаните

Дека патарините се златна кокошка за ЈП за државни патишта покажуваат и податоците за собрани приходи и број на наплатени возила низ годините. За само 5 години, финансиите собрани од наплата на патарина се зголемени за речиси 12,7 милиони евра. Од 27,8 милиони евра во 2014 година, приходите од овој надоместок лани скокнале на 40,5 милиони евра. Воедно, бројот на возила што платиле патарина во 2018 година се искачил на 41.133.515, односно за речиси 10 милиони возила повеќе во споредба со 2014 година.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации смета дека патарините кај граѓаните се доживуваат како еднонасочна давачка за која тие не добиваат многу за возврат.

– Автопатите имаат дупки, не се добро обележани, крајпатната сигнализација е избледена, нема функционални места за одмор и слични неопходни услови какви што ги има во другите земји. Патарините кај нас се скапи во однос на квалитетот и условите на патиштата – констатира Филков.

Дека ваквата констатација е точна, може да се увиди ако се анализираат последните поскапувања на патарините во земјава. Цената на овој надоместок за 35 отсто се зголеми во јули 2014 година. Веќе во ноември 2014 година, тогашната влада го зема 18,7 милиони евра вредниот кредит од ЕБОР за воведување на електронскиот систем за наплата на патарина на Коридорот 10. Иако беше ветено дека ќе профункционира најдоцна до почетокот на 2016 година, граѓаните веќе неколку години паралелно плаќаат за двата системи за наплата на патарина.

Електронскиот систем доцни со воведување повеќе од три години, иако кредитот за овој проект веќе е подигнат. Паралелно со тоа, македонските возачи плаќаат и за вработените што ја вршат постојната рачна наплата на патарините, која веќе требаше да биде заменета со новиот начин на плаќање. И покрај тоа што електронскиот систем на Коридорот 10 доцни, во моментов е актуелен тендерот за додатни 15,3 милиони евра што ќе се потрошат за електронската наплата на патарините на Коридорот 8, како и за изградба на 3 нови патарини на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Со најновиот заем од ЕБОР, вредноста на усовршениот систем за наплата на патарина нарасна на 34 милиони евра.

Патарините враќаат неповолни заеми од минатото

Директорот Китанов вели дека со приходите од патарините се враќаат кредитите земени за изградба и реконструкција на патната инфраструктура. Тој го наведува примерот со првата рата од 22 милиони евра од кредитот од кинеската Ексим банка, кој пристигнува за наплата во јули.

– Сето она што го имаме заштедено, во јули ќе отиде за плаќање на ратата – нагласува Китанов.

А токму кинеските кредити во вредност од 580 милиони евра беа подигнати од македонската влада во 2013 година. Во годината кога патарината поскапи за 35 отсто, кинеската компанија „Синохидро“ ја отпочна изградбата на двата автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Една година подоцна се слушнаа и „бомбите“ објавени од СДСМ за провизијата од 5 отсто што била дадена за да се избере подобна компанија што би го градела автопатот Кичево – Охрид.

Во 14 – тата „бомба“ се слушна како проценетата вредност на автопатот растела заедно со предложената провизија што ќе ја земат претставници на владејачката партија. Сето ова, се разбира, треба да го платат граѓаните/возачите преку патарина, патна такса при регистрација на возилата и акциза за нафтените горива. Оттаму, намалувањето на цената на патарините се чини како невозможна мисија и за актуелната владејачка гарнитура бидејќи, сепак, буџетот мора да се полни за да се враќаат кредитите, каматите и провизиите.

Автор: Бојан Блажевски