Вакцините Фајзер/Бионтек | Фото: Министерство за здравство 17.02.2021 г.

Министерството за здравство информира дека, националниот систем „Мој термин“ од синоќа од 19 часот ги отвори термините преку кои матичните лекари закажуваат вакцинација на граѓани кои се опфатени во првата фаза и спаѓаат во групата 1Б, од Националната стратегија за ковид имунизација.

„Вакцинацијата ќе се одвива на постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата. Тоа е прецизно организиран процес, а испораката на вакцини ќе оди сукцесивно. До крајот на оваа и за следната недела, на територија на цела држава пуштени се 9.577 термини, а досега се закажани 5.976 термини за вакцинација на граѓани кои се над 77 годишна возраст“, соопштија од ова министерство.

Додаваат дека, од утре ќе стартува вакцинацијата во Скопје, односно во поликлиниките: Јане Сандански, Чаир и Букурешт, во Здравствените домови во: Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица, и во болницата во Кавадарци. Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.

Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени и ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок. „Матичниот лекар не секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација, должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде што се спроведува вакцинација против ковид 19“, појаснуваат од Министерството за здравство.