Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ) планира во вториот квартал од годинава да испорача околу 14,1 милиони дози на вакцини против ковид-19 во 47 земји низ светот. Нашата земја, заедно со Босна и Херцеговина и Косово до јуни преку КОВАКС механизмот треба да добијат по 100.620 дози од вакцината „Фајзер“. Ова би значело дека на Македонија за вториот квартал од годинава ќе ѝ следуваат вакцини против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“, откако во првиот квартал на земјава и беа распределени вакцини од „Астра Зенека“.
И покрај доцнењата со доставата на вакцините преку КОВАКС механизмот што се појавија на почетокот од годинава, Македонија на 28 март годинава доби 24.000 дози на вакцината „Астра Зенека“, со која во моментов се вакцинира населението постаро од 77 години. До крајот на април, преку овој механизам се очекува да пристигнат и преостанатите околу 76.000 дози од вакцината „Астра Зенека“, кои ѝ следуваат на земјава преку Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ).
И покрај тоа што КОВАКС механизмот не ги исполни очекувањата за доставување на вакцините во текот на март и април годинава низ целиот свет, од ГАВИ сега најавуваат дека тие ќе ги испорача потребните дози на сите земји коишто побарале вакцини во првата половина на годината.
„Се соочуваме со застрашувачки предизвик, бидејќи сакаме да ја завршиме акутната фаза на пандемијата: ќе бидеме безбедни само кога сите се безбедни и нашите напори да се обезбедат потребните дози зависат од континуираната поддршка на владите и производителите на вакцини“, порача Сет Беркли, генералниот директор на ГАВИ, пренесува сервисот на македонски јазик на Дојче Веле.
