Фото: Министерство за труд и социјална политика

Преку проектот „Обезбедување на пристојни услови за домување на ромската заедница во Општина Виница“, како дел од ИПА II Акциска програма 2017, легализирани се 55 ромски куќи и обновени девет во Општина Виница. На денешната посета во ромската населба во Виница, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска истакна дека целта на овој проект е легализирање на домовите на 245 ромски домаќинства, од кои завршена е легализацијата на 55 ромски куќи, 122 куќи се во процес на легализација и 68 барања за легализација на ромски куќи зависат од усвојувањето на нов закон.

„Како втора компонента од овој проект е реконструкција и подобрување на условите за живот на 22 куќи од оваа населба, од кои 9 се завршени и комплетно финансирани со средства од овој проект. Дополнително, 622 жители, роми кои што живеат во оваа населба, ќе влезат во деталниот урбанистички план на градот со подобрени инфраструктурни услови,“ изјави министерката Шахпаска.

На денешниот настан, во општината им беа врачени документите за легализација на имот на неколку жители од оваа населба од страна на министерката, раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини и градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров.

Од страна на градоначалникот Димитров беше истакнато дека покрај реновирањето на нивните куќи, легализација на имотите, се работи и на целосната инфраструктура на населбата, како веќе завршената реконструкција на пат, соларно осветлување на улиците и контејнери за складирање на отпад.

Идејата и барањето за имплементација на ваков проект во нашата држава е на МТСП, овозможен преку ИПА 2 програмата на Европската комисија, а како имплементатори се јавуваат Општина Виница заедно со НВО Челим од Италија во соработка со Ромскиот ресурсен центар од Општина Виница.