Фото: Принтскрин видео

Во Владата денеска се потпишаа договорите за реализација на проектите Терминал на течен природен гас Александрополис, обезбедување на капацитет за природен гас и Гасната централа Александрополис.

Меморандумите за соработка беа потпишани помеѓу АД Национални енергетски ресурси „НЕР АД“ Скопје и „Елени Асмина Копелозу“ од Грција, како и помеѓу Електрани на Северна Македонија „АД ЕСМ“ и „Гастрејд“ како и Меморандум за соработка помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ“.

Премиерот Зоран Заев рече дека Македонија ќе учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александрополис, а инвестицијата е проценета на повеќе од 380 милиони евра. Во инвестицијата на гасниот терминал предвидено е 10 проценти учество со вредност од 370 милиони евра, поддржан проект од ЕУ. Планот е до 2023 година да биде пуштен гасниот теминал и гасната станица.

„Нашето вклучување во изградбата на терминалот за течен и природен гас во близината на Александруполи ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде што гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот. Целта на Владата е имплементирање на зеленото сценарио како најпрофатливо за развојот на земјата и треба да обезбеди економски и еколошки придобивки. Обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до намалување на трошоците и загадувањето и заштита на животна средина. Користењето обновливи извори на енергија и замена на јагленот со гас е важен стартешки интерес,“ рече Заев.

Тој додаде дека поддршката на конзорциумот „Гастрејд“ за вклучување на Македонија во изградба на терминалот за течен гас создава можност за трајно и стабилно снабдување на гас за земјата и таа ќе стане точка за дистрибуција на гас пошироко во регионот.

„Со тоа добиваме можност за снабдување со гас од САД, Азербејџан, Израел, Грција, Катар. Освен стабилноста ќе се обезбедат независност и конкуретни цени,“ додаде Заев.

Извршниот директор на „Копелузос Груп“, Христос Копелузос оцени дека меморандумот што денеска е потпишан е еден од најважните стратешки и финансиски елементи, бидејќи Македонија ќе добие гас по конкуретна цена.

„Заедно ќе развиеме ултрамодерна технологија и максимален план за ефикасност, ќе ги намалиме трошоците за енергија и ќе ја зголемиме конкурентноста за бизнис заедницата и граѓаните. Нашата група ќе се погрижи да се имплементира овој проект ќе се погрижи за финансискиот аспект за доста поволни услови и ќе ви понудиме наше знаење во изградбата на постројката. Ќе се погрижиме за производство на енергија, ќе создадеме независен синџир на ланец на енергија,“ рече Копелузос.

Заменик-претседателот на „Гастрејд“, Коститс Сифнеос рече дека изградбата на Александрополис е започната пред 10 години, долго време биле посветени на овој проекти и подготвен е да биде активиран.

„Тоа е уникатен проект не само за Грција туку за целиот регион и Балканот и на Југоисточна Европа. Нуди безбедно снабдување, диверзификација, компетитивни опции, конкурентност и пристап до светски извори на енергија, но исто така флексибилност по обем и цени. Овој проект ќе работи комплементарно со веќе постоечки други инфраструктури за гас како што е интерконекторот Грција-Бугарија, Проектот е поддржан од владите на сите од Грција, Романија, Македонија, Србија како од ЕУ и САД. За нас и вас овој меморандум ќе овозможи да бидете дел од снабдувањето на Западен Балкан.Со овој договор вашата земја ќе стане стратешки играч. Ова ќе стане стожер кој ќе докаже дека ваков проект е потребен во регионот,“ рече Сифнеос.