Преку аудиција ќе се избира македонскиот претставник на Детска Евровизија

Право на учество на аудицијата имаат деца коишто на 26 ноември годинава ќе бидат на возраст помеѓу 9 и 14 години

фото: Јуниорски Евросонг

Македонската радиотелевизија (МРТ) го потврди учеството на Детска Евровизија 2023 година што во ноември ќе се одржи во Ница, Франција. Евровизискиот сајт „Eurovoix“ објави дека соопштението на македонскиот јавен сервис следува по состанокот на Програмскиот совет на МРТ, на кој се разговарало за учеството на земјава на Евровизија и Детска Евровизија.

Македонскиот учесник во Ница ќе биде избран преку аудиција, која ќе се одржи на 11 мај во седиштето на Македонската радиотелевизија со почеток од 10 часот. Пријавувањето трае до 5 мај.

Право на учество на аудицијата имаат деца коишто на 26 ноември годинава ќе бидат на возраст помеѓу 9 и 14 години.

Апликациите се поднесуваат на електронската адреса [email protected], а повеќе информации можат да се најдат во Правилата за учество на Јуниорскиот Евросонг.

Изборот на кандидатот или кандидатите за претставник на Јуниорскиот Евросонг ќе го направи комисија од најмалку три члена, што ќе ја формира менаџерскиот тим на МРТ.

Во рок од 20 дена по соопштувањето на претставникот, МРТ има обврска да го определи авторот што ќе ја подготвува композицијата што ќе биде изведена во Ница. Трошоците за песната, текстот, аранжманот и снимањето на песната ги покрива јавниот сервис, исто како и патните трошоци и сместувањето за сите учесници.

Минатата година земјава на јуниорската верзија на Евросонг ја претставуваа Лара, Јован и Ирина со песната „Животот е пред мене“. Со вкупно 54 поени, тие завршија на 14 место од вкупно 16 учесници.

Инаку, Северна Македонија нема да биде дел од годинешното издание на Евросонг што од 9 до 13 мај ќе се одржи во Ливерпул, Обединетото Кралство.

МРТ одлучи да не учествува на годинешната Евровизија, главно поради енергетската криза и зголемените трошоци на јавниот сервис.

МРТ одлучи „во најдобар интерес на граѓаните“ следната година да не учествува на Евровизија