Преку 40,000 измамници на Дота 2 банирани во еден ден

Dota 2 скриншот од Steam
Dota 2 скриншот од Steam

Компанијата „Валв“ банира преку 40,000 Дота 2 кориснички сметки кои користеле платежни програми за „читови“ во играта. Како што објаснуваат од „Валв“, станува збор за софтвер од трети страни, што им овозможувал нефер предности во играњето на овие измамници.

Целата операција била изведена на начин што од компанијата објавиле ново ажурирање на играта во кој додале дел од податоците што нормално не би можеле да се видат при играње. Но, податоците можеле да бидат вчитани од овие програми за измама.

На тој начин, „Валв“ можеле да видат кои се кориснички сметки успеале да пристапат и да ги прочитаат овие тајни податоци, давајќи ѝ на компанијата „екстремно голема увереност дека дека секое банирање било заслужено.” 

Од „Валв“ дури и објавија предупредување за идните измамници дека тие сакаат ова да биде видлив пример за нивниот однос кон ова прашање.

Секој што ќе употребува софтвер за читови „може да биде трајно баниран од Дота 2” дури и да станува збор за „професионални играчи кои би биле банирани и од сите компетитивни настани и турнири што ги организира Валв.”