Преку YouTube до Белата Куќа

Во тек е внатре-партиската трка за номинацијата на кандидат на Демократската партија за наредниот Претседател на САД за изборите кои ќе се одржат следната 2020 година. Во трка се 25 кандидати меѓу кои јасни предводници на трката се добро познати имиња како Џо Бајден и Берни Сандерс, но има едно име кое полека но сигурно се движи напред и станува сè попопуларно особено меѓу младите.

Andrew Yang (Ендру Јанг) e сосема ново име на политичката сцена и е еден од најмладите кандидати. Доаѓа од бизнис секторот и невладиниот сектор и, за разлика од повозрасните кандидати, тој добро го разбира светот на технологијата во кој живееме денеска. Од петтемина кандидати во Демократската партија, името на Andrew Yang е најпребаруваното на платформата YouTube што експертите сметаат дека се должи на неговата присутност и отвореност кон YouTube заедницата.


Тој е еден од ретките кандидати кој не се плаши да гостува на голем број емисии и подкасти и отворено да зборува за своите политики. Во текот на неговата кампања до сега има гостувано на најпознатите подкасти како што се The Joe Rogan Experience, H3 Podcast, The Breakfast Club, а едно од најзначајните видеа е неговото појавување на подкастот на Ben Shapiro (Бен Шапиро) кој е најпознатиот конзервативен подкаст во Америка. Шапиро е еден од најпознатите политички коментатори со неверојатни дебатни вешнини со кого политичарите најчесто се плашат да се соочат. Тој вели дека речиси сите кандидати биле поканети, но Јанг е првиот кој ја прифатил неговата покана.

Во гостувањето на подкастот вели дека се кандидира за претседател на САД бидејќи сака „да ја разбуди Америка со фактот дека не се имигрантите тие што предизвикуваат економски проблеми, туку фактот дека поминуваме низ најголемата економска и технолошка трансформација на земјата која се нарекува четврта индустриска револуција и потребно е да се направи прогрес кон следната фаза на капитализмот каде вештачката интелегенција и самоуправуваните автомобили ќе бидат реалност“.


Yang е инаку автор на книгата The War on Normal People: The Truth About America’s Disappearing Jobs and Why Universal Basic Income Is Our Future (Војната со нормалните луѓе: Вистината за исчезнувањето на работните места во Америка и зошто универзалниот основен приход е нашата иднина).