Штрајкот на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) го прекина меѓународното истражување ТИМСС, во кое требаше да учествуваат вкупно 4.500 ученици од Македонија. Овој процес, во кој требаше да се види какви се знаењата на нашите ученици по предметот математика и по други предмети од областа на природните науки, е врзан со рокови и мора да се реализира до крајот на учебната година, додека се децата на училиште. Но, штрајкот за поголеми плати на вработените кој започна минатата недела, ја ставаат под знак прашање реализацијата на овој процес.
Инаку, ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународната студија по математика и предмети од природни науки која ги мери знаењата во овие области во четврто и во осмо одделение. За да учествува и да биде дел од овие меѓународни студии и истражувања, државата мора да плати. Така на пример, за минатото ПИСА меѓународно тестирање, Владата плати котизација за учество од околу 182.000 евра. Како што информираат за Мета.мк од ДИЦ, овојпат учеството во ТИМСС за Македонија, го плаќа Европската Унија.
„Од сите тестирања кои се одвиваат преку ДИЦ, до пред штрајкот во тек беше само ТИМСС тестирањето. Тоа сега е прекинато. По правило, ова тестирање треба да го реализираат училиштата, но нашите училишта, бидејќи немаат лаптопи и компјутери, ние одиме со лаптопи во секое училиште и ги тестираме учениците. Ова големо меѓународно тестирање треба да заврши до 25 мај“, вели Емилија Бошковска, претседателката на синдикалната организација и советничка во Испитниот центар.
Поради штрајкот во ДИЦ, стопирани се многу процеси кои оваа институција ги организира и реализира. Таков е случајот со државната матура, која законски е услов за упис на факултет. Во моментов, 15.620 матуранти се во неизвеност дали и кога ќе го полагаат испитот на зрелоста. Од Испитниот центар информираат дека ако се случи надлежните денеска да одлучат да им ги покачат платите, тие се спремни деноноќно да работат за да стасаат да се организира полагањето на државната матура на време.
„Прашањата кои ќе ги има на екстерните испити се направени, но некои од тестовите не се прочитани од независни читачи. Има процедура. Печатењето на тестовите е во тек за некои предмети, а самото печатење е процес кој трае со денови. Сега сето тоа е стопирано. Ако ни излезат надлежните во пресрет на нашето барање, ќе работиме и за викенди за да го организираме процесот на време“, информираат во Испитниот центар.
Сепак, не е исклучена можноста да се направи и измена на Календарот за полагање државна матура, што ќе значи дека можно е да има нови датуми за полагање, наместо досегашните 27 мај и 10 јуни.
ДИЦ го организира и процесот за полагање приправнички испит во училиштата. И тој процес е сега стопиран, а треба да се реализира додека трае учебната година. Кандидатот, кој сака да стане наставник, треба да одржи час пред комисија составена од по еден член од ДИЦ, Бирото за развој на образованието и еден наставник од конкретниот предмет.
Во моментов нема одговор од надлежните во врска со барањата за повисоки плати на вработените во ДИЦ. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири минатата недела апелираше вработените да не ја доведуваат во прашање државната матура.