Прекинат прагот на алармирање за аерозагадувањето во Скопје, властите со препораки за празниците

Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го прекина прагот на алармирање за високо загадување на воздухот во Скопје, информираат од ова министерство.

„Согласно податоците од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на ден 26.12.2022, среднодневните концентрации на РМ10 суспендираните честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје и престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање“, стои во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сепак, од ова министерство велат дека земајќи ја во предвид стабилната временска состојба, согласно временската прогноза од УХМР и фактот дека има надминување на праговите на информирање на РМ10 за Скопје, можно е во следните денови да има зголемени концентрации на РМ10 честички во воздухот.

Од тој аспект, а за да не се влијае на натамошно влошување на квалитетот на воздухот во Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање препорачува до граѓаните да не користат возила без поголема потреба, а доколку употребуваат автомобил, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време. Препорака е периодов да се користи јавниот превоз.

Од Министерството препорачуваат да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, но и правилно да се користат печките за дрва.

Дополнително, препорака на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија е најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма) да го ограничат движењето и активностите на отворен простор во загадените зони на градот.

Инаку, Министерството за животна средина вчера информираше дека го воведува прагот на алармирање поради високото загадување на воздухот со PM10 честички од над 150 микрограми на метар кубен на мерните станици во Центар и Лисиче. Големото аерозагадување беше регистрирано на 27 и 28 декември.

Во Скопје ова е вторпат зимава прагот на алармирање поради аерозагадувањето да е надминат. Првпат тоа се случи во саботата, додека прекинат беше во вторникот.