Предметите од државната матура ќе се полагаат од 5 до 28 јуни

Фото: Green Chameleon on Unsplash

Државниот испитен центар ги објави датумите кога матурантите годинава ќе ги полагаат предметите од државната матура. Оваа учебна година за државната матура се имаат пријавено 15.294 матуранти. Од нив 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 се од средно стручно образование и 261 се од средно уметничко образование.

Матурантите на 5 јуни ќе го полагаат задолжителниот предмет. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.848 кандидати, албански јазик и литература 4.078, а 272 турски јазик и литература.

На 11 јуни ќе се полага англиски, германски, француски и руски јазик, математика, естетика и филозофија. Англиски јазик пријавени се да полагаат 13.452 матуранти, германски 140, француски 32, а руски јазик 18, математика 1.529, филозофија 14 и естетика 66 матурани.

На македонски наставен јазик се пријавени да полагаат вкупно 10.886 матуранти, на албански наставен јазик 4.134 и на турски наставен јазик 274.

Од Државниот испитен центар информираат дека постојат и дополнителни термини за полагање на матурантите, доколку на денот кога се реализираат екстерните испити од државната матура се болни од ковид-19 или се наоѓаат во самоизолација. За овие случаи, македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература ќе се полага на 25 јуни, додека на 28 јуни ќе се полага математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

Почетокот на сите испити е во 10 часот. Испитниот материјал истиот ден кога се реализира испитот се носи во училиштата и се враќа во Државниот испитен центар.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и околу 2.000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи. Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот екстерен испит.

Инаку, согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Северна Македонија, учениците екстерно полагаат 2 предмети, 2 интерно и проектна задача. Задолжителен за сите матуранти што пријавиле државна матура е мајчиниот јазик.