Предмети што се селектираат беа билет за првото соларно кино во Скопје

Мобилна станица за селекција на отпад / фото: Мета.мк

Во организација на Здружението „Go Green“, а со поддршка на Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје, денеска во Кинотека на Македонија се одржа првото соларно кино.

Присутните можеа да ја проследат проекцијата на францускиот документарец „Си беше една шума“, но за да уживаат во филмот кој беше напојуван од соларна енергија, требаше да „платат“ со селектиран отпад. Пред влезот на Кинотека на Македонија беше поставена мобилната станица за селекција, во која младите можеа да остават еден предмет што се селектира – пластика, лименка, хартија, текстил, стакло или батерија.

Селектирана хартија во мобилната станица за селекција на отпад / фото: Мета.мк

На мобилната станица се поставени соларните панели кои изминатиов период ја генерирале соларната енергија што се складира во кутија, со чија помош потоа се проектираше филмот во салата на Кинотека.

фото: Мета.мк

Пред проекцијата на филмот, младите преку интерактивни игри и квизови можеа да научат повеќе за начинот на селекција и рециклирањето на отпадот.

Еколошкиот филм „Си беше една шума“ е француски документарен филм, производ на соработката помеѓу режисерот Лук Жакет и научникот и екологист Франсис Хале. Во филмот е прикажано раѓањето и развивањето на тропските шуми и се упатува порака за важноста од зачувување на шумите и планетата.

Денешната проекција беше прва еколошка проекција на филмот, а следните соларни кина ќе се одржат во Битола и во Тетово.

Проекторот за прикажување на филмот е напојуван од декарбонизирана енергија / фото: Мета.мк

Настанот е во рамки на еко-параванот, кој „Go Green“ го организира во рамки на Европската недела за намалување на отпадот, која што се одржува од 20 до 28 ноември.

Преку овие активности сакаме да зборуваме за превенција, намалување, а потоа и селекција на отпадот, вели Мила Јовановска од „Go Green“. Таа упати порака младите да се освестат за нивните секојдневни навики, бидејќи навиките влијаат на здравјето на луѓето, токму преку уништувањето на животната средина.

„Отпадот кога ќе заврши во депониите е штетен, бидејќи испушта стакленички гасови, кога се распаѓа навлегува во подземните води, а со тоа и во храната што ја јадеме и во водата што ја пиеме и затоа најважно е прво да се превенира создавањето на отпадот и создавањето на било какви амбалажи, затоа што тие не можат бесконечно да се рециклираат. Можат да бидат рециклирани неколку пати, но на крај повторно ќе завршат во отпадот. Затоа најважна е превенцијата, потоа намалувањето, реупотребата и рециклирањето на крај“, истакна Јовановска.

Проекцијата на филмот беше поддржана од Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје, со чија помош биле откупени правата за прикажување на филмот во земјава. Директорот на Францускиот институт, Иго Бештел, упати порака дека младите ја имаат главната улога во заштитата на животната средина.

„За нас клучна точка се младите. Потребно е зголемување на свеста токму кај младите со цел тие понатаму да влијаат на своите најблиски, на своите другари, семејства и секако да продолжат да се грижат за животната средина во текот на нивниот понатамошен приватен и професионален живот, со нивните секојдневни навики“, истакна Бештел.

Селектираниот отпад од мобилната станица на „Go Green“ ќе биде дониран на претпријатието „РЕДИ“, од каде понатаму ќе биде транспортиран до местата за рециклирање.