Фото: Принтскрин

Јавните набавки се извор на корупција и го поткопуваат владеењето на правото, истакна амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Дирк Јан Коп на денешниот настан „Претставување на предлозите за намалување на корупцијата во јавните набавки и унапредување на начинот на нивно спроведување“ во организација на Центарот за граѓански комунунации (ЦГК).

Тој истакна дека отстранување на корупцијата во јавните набавки е една од реформите која треба да биде преземена во процесот на преговорите за членство во ЕУ посебно со новата методологија, а од тоа ќе зависи и квалитетот на животот на граѓаните.

„Владата презема голем дел од 17 препораки за намалување на корупцијата во јавните набавки и унапредување на начинот на нивно спроведување во Акцискиот план за борба против корупција. Потребно е да развие механизам за воспоставување на интегритет и контрола,“ рече Јан Коп.

Герман Филков од ЦГК истакна дека со добри, ефикасни и чисти јавни набавки се подобрува квалитетот на живот на граѓаните и компаниите. И многу е важно, следниот период препораките кои се дадени да се применат, за да се видат ефектите.

Сабина Факиќ од ЦГК истакна дека препораките се поделени во четири сегменти и  се однесуваат на зајакнување на интегритетот и идентификување на ризици од корупција, подобрување на процесот и плановите за јавни набавки, зголемување на транспарентноста како санкционирање.

„70 проценти од претпријатијата никогаш не направиле проценка на ризици од корупција, немале кривична постапка ниту дисциплинска за одредени прекршувања. Не се работело на превенирање и сузбивање на корупцијата. Потоа многу е важно е да се дефинираат обврските на оние кои се вклучени во процесот на јавни набавки од вработени до надворешни соработници. Односно потребно е изготвување на интерни политики за јавни набавки. По можност, кај големите претпријатија потребно е ротирање на членовите на комисиите за јавни набавки, да се оценува нивниот интегритет, можност за судир на интереси,“ рече Факиќ при презентација на мерките кои се предложени.

Она што исто така се препорачува е следење на конкуренцијата при јавните набавки, претпријатијата да се фокусираат на просечниот број на понудувачи, да се врши анализа на дистрибуција на услуги, на цените и трошоците.

„Во дадени ситуации јавните набавки се склучуваат по цени многу повисоки од пазарната цена,“ додаде Факиќ.

Една од препораките е и подобрување на процентот на спроведување на јавните набавки, бидејќи просечната реализација на планираните јавни набавки во 2019 година изнесувал 54 проценти.

„Слабата реализација на планираните јавни набавки треба да се подобри преку работен процес на планирање, соодветен избор на предмети на тендерите, нивната вредност,“ рече Факиќ.

Во однос на транспарентноста во процесот на извршување на јавни набавки пак се препорачува склучувањето на договори без објавен оглас да се сведе на минимум, електронската аукција е предмет на критики и оттука треба да се користи само за одредени постапки, почитување на законскиот рок за поништување на тендерските постапки и тендерите да не се поништуваат често, јавна објава на записниците од доставените тендерски понуди, бидејќи често се случува да има две до три понуди на тендер од навидум различни фирми, а тие претходно да имаат меѓусебен договор.

Впечатокот на јавноста е дека речиси и да нема судски завршници и казни за извршителите на корупција во тендерските зделки и оттука мерките за санкции на корупција во јавните набавки е една од предложените мерки односно да почне да функционираат правосилните пресуди и санкции за извршителите.

Вкупниот број на јавни претпријатија и акционерски друштва основани од Владата и општините се проценува дека е 145 и тие генерираат приходи од 800 милиони евра со што учествуваат со 7 проценти од БДП, 10 проценти од нив имаат обврска за спроведување на Законот за јавни набавки. Вкупната вредност на склучените договори за јавна набавка е 300 милиони евра, што е една третина од сите јавни набавки.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска рече дека имајќи ги предвид сите овие бројки, огромен е потенцијалот за корупција бидејќи човечки фактор е вклучен во проценување на вредноста на тендерите, во критериумите за оценка на понудувачите, концентрирање на јавните набавки само кај одреден број на фирми, нетранспарентна постапка, неоправдно високи цени во однос на пазарните.

Таа истакна дека една од мерките за спречување на корупција е доколку се следат донаторите на политичките партии за време на избори преку банкарски сметки, и нивната поврзаност со фирмите кои добиваат на тендери.

Препораките за намалување на корупцијата во јавните набавки и унапредување на начинот на нивно спроведување од страна на ЦГК произлегле од длабинска анализа на 37 јавни претпријатија основани од Владата, општините Гостивар, Кавадарц, Струга и Град Скопје.

Проектот е во раките на „Кон отчетни јавни претпријатија“ кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Кралството на Холандија.