Предложена граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ за Тетово да го добие првиот градски парк

Графичка претстава на предлогот, фото: Мета.мк

Денеска во Тетово на прес-конференција одржана од страна на иницијаторите за првпат пред јавноста беше презентирана граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која што ја дава идејата за изградба на првиот вистински градски парк во градот.

Станува збор за проширување на зелената површина во источниот дел од Тетово, на влезот од Скопје, односно урбанистичка пренамена на два од четирите блокови содржани во предложениот модул, што на градот би му претставил нови 16 хектари зелена површина.

Граѓанскиот предлог го потпишуваат повеќе од 60 истакнати граѓани, универзитетски професори, урбанисти, архитекти, адвокати, лекари, културни работници, спортисти и жители на градот кои денеска го поднесоа кон Советот на Општина Тетово како главен орган на посредно граѓанско однесување, во чија надлежност е утврдувањето на урбанистички план за намената на одреден простор.

Фото: Мета.мк

„Поднесовме проектиран, рационален и издржан предлог до Советот на општина Тетово да го формира првиот вистински градски парк. Според планот, предвидуваме да биде формиран од десната страна на бул. „Видое Смилевски – Бато“, од крстопатот со ул. „29-ти ноември“ до ул. „Борис Кидрич“ како и од левата и десната страна на бул. „Видое Смилевски – Бато“ до крстопатот со ул. „Љубо Божиновски – Пиш“. Наведениот простор е во доминантна државна сопственост до изразени 74 отсто и последниот тетовски потенцијал за градски парк. Тетово е град без провев и град во кој младите не сакаат да живеат и токму затоа е потребен новиот зелен појас.“, изјави м-р Даријан Сотировски, правник и еден од иницијаторите.

Архитектот м-р Благоја Ристовски, кој исто така е еден од потписниците на предлогот, посочи дека според изброената вкупна површина, Тетово располага со 0,2 метри квадратни парковско зеленило по жител, а според Светската Здравствена Организација градот треба да има 9 метри квадратни.

„Површината која ја предлагаме може да биде ефективно искористена со 16 хектари. Тоа е всушност потребниот исчекор кој треба да го направиме кон хуманизирање на градот. Површината има бројни квалитети, но е и последното неизградено ткиво во градот. Ова е можност да се создаде важен урабнистички гест, „источна селена капија“ на градот, кога западната капија е Шар Планина“, посочи архитектот.

Иницијаторите се надеваат и на проширување на бројот на потписници за оваа како што ја нарекуваат „насушна потреба“ Тетово да добие зелен појас, како и одобрување од Советот на Општината за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план на градот, при што на одредените блокови ќе им се додели намена „Д“ ( за зеленило, рекреација и меморијални простори).