Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20 годишник, за кој постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик, соопштија оттаму.
„Осомничениот на 2 декември, во вечерните часови, се обидел да запали албанско национално знаме, при што бил забележан и спречен од полициски службеници кои го привеле. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, наведено е во соопштението на Обвинителството.
Пред неколку дена, Основното јавно обвинителство поведе постапка и против три полнолетни лица за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 став 1 од Кривичниот законик.
„Против уште едно малолетно лице ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата. Осомничените на 28 ноември, околу 20 до 23 часот на булевар „Крсте Мисирков“ во Скопје, по завршување манифестација на плоштадот „Скендербег“ по повод прослава на денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. За полнолетните осомничени надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, информира ОЈО.
На 28 ноември, по повод организирана прослава на Денот на албанското знаме на плоштад Скендербег во Скопје, повеќе лица на неколку локации на бул. „Крсте Мисирков”, го запалиле и скинале македонското знаме.
„Од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал преземени се оперативни мерки и активности, како и прегледи на видео снимки од безбедносни камери и видеа објавени на социјални мрежи, при што е обезбеден доказен материјал и документирани се дејствијата на лицата Ф.И., Е.Д. и С. М.“, соопшти тогаш МВР.