fbpx

Предлог-законот за еколошките налепници утре на прво читање во Собранието

-

На 106-та седница, Законодавно-правната комисија на Собранието утре ќе го претресе во прво читање најновиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, со кој се воведуваат неколку новини како дел од посеопфатните мерки за намалување на загадувањето на воздухот, од кои најзначајната е еколошката категоризација на возилата („налепници“) и забрана за нивно движење при зголемено загадување на воздухот.

Предлог-законот претрпе неколку измени откако првпат беше поднесен во јануари годинава, а најновата верзија, како што за „Мета“ објаснија од Владата, е доставена до Собранието на 6 ноември.

Иако претходните верзии предвидуваа еколошкото категоризирање да се прави со најмалку 15-минутно испитување на испуштените гасови од автомобилите и најмалку 25 минути испитување за товарните возила и автобусите, во верзијата што е пуштена во Собранието пред неполни две седмици, тоа го нема, односно најверојатно ќе се продолжи со сегашниот циклус на мерење при технички преглед.

По стапувањето на законот на сила, со зелена налепница, за 1 еколошка категорија, ќе се означуваат возилата со стандарди Евро 5 и Евро 6, како и возилата со Евро 4 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас, како и електричните и хибридните возила. При енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, тие возила ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.

Втората еколошка категорија,со жолта налепница, ќе ја сочинуваат возилата со стандарди Евро 3 и Евро 4, како и возилата со Евро 2 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас. За тие возила при зголемено загадување ќе има ограничување на движењето, според одлуките на општините и градот Скопје.

Во третата, најниската категорија, која ќе се означува со црвена налепница, ќе бидат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард, или без таков стандард. За нив ќе биде забрането сообраќањето во периоди на загадување на воздухот.

Правилниците и одредбите ќе се донесуваат од општините и Град Скопје по донесувањето на законот.

Предлог-законот предвидува и субвенции од 5.000 евра за секое купено електрично возило, а 3.000 евра за купено хибридно возило. Во првата година по стапувањето на законот ќе се доделат вкупно 200 такви субвенции.

Исто така, ќе се субвенционира вградувањето на уреди на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, односно метан, и тоа најмногу 50 отсто од трошоците за набавка и вградување на уредот, но најмногу до 300 евра по возило. Во првата година се планираат 1.200 такви субвенции.

Според проценките од Владата, за субвенциите во 2019 година се предвидени 170 милиони денари (2,76 милиони евра),  245 милиони денари (3,98 милиони евра) во 2020 година и 320 милиони денари (5,2 милиони евра) во 2021 година.

Предлог-законот предвидува и субвенционирање на купување на ново возило ако претходно користеното возило се одјави, односно повеќе не се користи и заврши во отпад.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток...