Предлог-законот за јавно обвинителство од денеска е во собраниска процедура и закажана е јавна дебата во Комисијата за политички систем.

Од СДСМ ги повикаа од ВМРО-ДПМНЕ „да престанат да ја држат земјата во заложништво, како што тоа го прават со Законот за Јавно обвинителство“.

„Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, да имаат професионална и објективна завршница, затоа што само така ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.Политиката мора да остане надвор од изборот на обвинителите за да им се остави простор за независно, стручно и објективно постапување, а тоа ќе се постигне само ако се донесе законот“, велат од СДСМ.

Министерката за правда Рената Дескоска очекува конструктивност од опозицијата, бидејќи во спротива „ќе биде протолкувано како опструкција на процесот и одолговлекување“.

„Доколку при собрани осумдесет пратеници за поддршка на законот, ВМРО – ДПМНЕ се обиде да го блокира процесот со илјадници амандмани, мислам дека тоа ќе биде за нив политички самоубиство, бидејќи ќе ја прати вистинската порака во јавноста дека всушност се за блокирање на ефикасна борба против криминалот и корупцијата и за блокирање на евроинтеграциските процеси“, истакна Дескоска во гостувањето на „Утрински брифинг“ .

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека „сакаат квалитетен закон а не како што сака хибридниот режим на Заев, закон за за амнестија на криминалот и неправдите.“

Европската унија исто така очекува од државата да го донесе овој закон, како позитивен сигнал за добивање на датум за почеток на преговорите.