fbpx

Предизборната дебата во Грција без јасен победник

-

Првата тет-а-тет телевизиска изборна дебата меѓу лидерите на двете најпопуларни партии, СИРИЗА и Нова демократија, заврши без јасен победник. Пред шест години, кога за последен пат Грција имаше предизборно соочување на Јоргос Папандреу и на Костас Караманлис, Папандреу излезе како јасен победник, најавувајќи ја на овој начин смената на владата на Нова демократија. Вчерашната телевизиска дебата меѓу Алексис Ципрас и Евангелос Меимаракис не успеа да покаже кој од двајцата лидери би бил подобар премиер за Грција, ниту, пак, кој од нив има подобар план за справување со кризата и за враќање на државата во колосек.

Иако дебатата беше пожива, со дискусија меѓу Ципрас и Меимаракис, сепак оцените во Грција се дека ова соочување не донесе јасен победник, јасен лидер и не помогна да се предвиди кој од двајцата ќе ја добие довербата на грчките граѓани в недела. Никој од нив не ја измени тактиката, ниту еден не претстави јасни идеи како планира да се справи со грчкиот долг и со финансиската криза, каква е визијата за Грција и за нејзиниот излез од економскиот жив песок во кој тоне. Дискусијата се сведе на меѓусебни обвинувања за политичка неспособност, незрелост и за грешки во минатото кои довеле до кризата, нејзиното продлабочување и за зголемувањето на невработеноста. Преовладаа разговори околу меморандумот и мерките за штедење, без да им се придаде големо внимание на сите останати внатрешни прашања и проблеми кои го мачат народот. Надворешната политика и отворените проблеми со соседите воопшто не добија внимание од двајцата лидери и од медиумите.

Мртвата трка меѓу левицата и десницата продолжува. Новата анкета на телевизијата „Антена“ покажува израмнетост во рејтинзите на Нова демократија и на СИРИЗА. Поконкретно, според анкетата, и двете партии имаат поддршка од 24,6 отсто од гласачите. Трета најпопуларна опција останува Златна зора со рејтинг 5,6 отсто, Комунистичката партија има поддршка од 4,8 отсто, за Река се определиле 4,6 отсто од гласачите, а за ПАСОК и за Демократска левица 4,2 отсто. Партијата Народно единство, според резултатите, ја поддржуваат 3 отсто од испитаниците. Ципрас поголем број од испитаниците го сметаат за подобар премиер од Меимаракис, кој, пак, останува попопуларен политичар од неговиот левичарски опонент.

Двајцата политичари и на вчерашната дебата тврдеа дека независно од тоа кој ќе триумфира в недела, веќе во вторник Грција ќе има влада која ќе биде европски ориентирана, ќе ги исполни обврските од новиот договор со Брисел и ќе се грижи за тоа државата да остане на нејзиниот европски пат. Сепак, со минималната разлика според анкетите на јавното мислење, останува да се види колкав ќе биде процентот на првата партија и процентите на помалите партии кои би можеле да бидат коалициски партнери со победникот. Ципрас останува на ставот дека и покрај соработката со Нова демократија, за да се изгласа меморандумот за штедење, не планира да коалицира со нив во новата влада, додека, пак, Меимаракис продолжува да бара од СИРИЗА да размисли за заедничка влада за спас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...