fbpx

Пред Постојаниот совет на ОБСЕ, Османи ќе ја презентира програмата на претседавањето на Република Северна Македонија

-

Делегација на Република Северна Македонија, предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ја започнува официјалната посета на Виена во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 година, соопшти Министерството за надворешни рабори.

Според планираното, Османи ќе оствари средба со министерот за надворешни работи на земјата-домаќин на ОБСЕ, Александар Шаленберг, по што ќе одржи брифинг за претставниците на медиумите со кои ќе сподели информации за програмата на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023.

Утре, како што најави МНР, Османи ќе го започне денот со средба со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, по што ќе се одржи главниот настан и неговото обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ во својство на претседавач, кога е предвидено да ја презентира Програмата на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата.

Во своето обраќање, министерот Османи ќе се осврне на предизвиците со кои ќе се соочи Северна Македонија за време на претседавањето со најголемата светска регионална безбедносна организација во 2023 година, имајќи ја притоа предвид длабоката, политичко-безбедносна и економска криза во која се наоѓа регионот на ОБСЕ. Пред Постојаниот совет, Османи ќе ја презентира програмата на претседавање под мотото „За луѓето се работи“, во која примарен фокус ќе бидат токму луѓето и хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

Во текот на денот, предвидено е Османи да оствари средба и со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Алаин Берсет, со чија земја Северна Македонија континуирано одржува цврсти билатерални односи. На средбата ќе бидат разменети мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ, како и за нејзината улога во справувањето со последиците предизвикани со руската агресија врз Украина.

Третиот и последен ден од посетата на Виена, Османи ќе оствари средби со раководните структури на независните институции, како што е ОДИХР, со другите извршни тела на Организацијата, како и со шефовите на теренските мисии, вклучително и серија состаноци со специјалните претставници на претседавачот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.