Од последното, политичарите се искачиле на второ место како поднесувачи на жалби до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), покажуваат статистичките податоци на телото за саморегулација за 2019 година. Во периодот од 2014 до 2017 година, секоја четврта жалба против медиумско известување доставена до Советот била од политичар.
Во 2018 година, политичарите биле на последно место на ранг-листата на жалители. Но, минатата година се искачиле на второ место, а стапката на жалби поднесени од нив се зголемила за половина и станала најголема досега.
Скокот на зачестеноста на жалби од политичари е одраз на зголемениот сензибилитет пред избори, оценува Теофил Блажевски, член на Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите на Македонија
– Тоа може да укажува на неколку работи. Прво, дека политичарите стануваа почувствителни, се зголемува нивниот сензибилитет како што се приближуваат изборите. Второ, што е позитивно, дека сепак ги користат механизмите за саморегулација на медиумите, наместо тужба против медиумите. На крајот, она што радува е дека граѓаните сепак се на прво место во поднесувањето жалби до Советот за етика, смета Блажевски.
Граѓаните минатата година поднеле повеќе од половина од жалбите кои стасале до Комисијата, а и во 2018 година биле на врвот на листата, со една третина ов вкупиот број на жалби. Во периодот од 2014 до 2017 година, најголем дел од жалбите доаѓале од организациите и здруженијата од граѓанскиот сектор. Се до минатата година, втори според уделот на доставени жалби биле медиумите и новинарите.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.