fbpx

Пред да јадете виршли, убаво сварете ги, препорачуваат експертите

-

Пред да се консумираат виршли, тие треба термички да се обработат, односно убаво да се сварат, зашто тоа е еден од начините за заштита од листерија моноцитогенес.

Ова го потенцираат универзитетските професори со кои поразговаравме, откако Агенцијата за храна и ветеринарство вчера соопшти дека донела одлука за повлекување од продажба во земјава на пет серии од виршлите „Вуди“ бидејќи во нив било утврдено присуство на бактеријата листерија моноцитогенес (listeria мonocytogenes ST 155).

Микробиологот проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет во Скопје вели дека не треба да се дозволи бактеријата да се размножи во храната.

„Имаше кај нас случаи на листерија пред неколку години кога затворија кумановска фабрика за производство на сувемоснати продукти, тогаш оваа бактерија ја најдоа во салами. Имаше десетина случаи, меѓу кои и смртни. Таа може да предизвика тешка болест, иако се лекува со антибиотици. Може да развие менингитис кај бебиња, најчесто и кај луѓе со нарушен имунитет. Што се однесува до виршлите на „Вуди“, апелирам никој да не јаде живи виршли, претходно нека ги свари. Така, и да има листерија, таа ќе биде уништена. Да не се крева паника, си има институции кои проверуваат сомнителни продукти. Важно е да се знае дека не се пренесува од човек на човек, и може да се добие само преку храна“, вели професорот Пановски.

Во светски рамки смртноста е 25 отсто

Неговиот колега од Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Meтодија Трајчев, потсетува дека во нашата законска регулатива има нулта толеранција за присуство на Listeria monocytogenes, која е микробиолошки критериум за безбедноста на храна готова за конзумирање, каква што всушност е и спорниот производ.

„Пред неколку години во Република Македонија имаше случај кога, според надлежните институции, десет луѓе заболеа од листериоза по консумација на сувомеснати производи, од кои петмина починаа, што практично е 50 отсто смртност. Во светски рамки, смртноста од оваа болест кај луѓето се движи околу 25 отсто. Кога станува збор за тоа колку е опасна бактеријата за човечкото здравје, важно е,дали лицата кои консумираат храна со листерија се здрави или се имунокомпромитирани (деца, хронично болни луѓе, бремени жени)“, потенцира професорот Трајчев.

Оваа бактерија, појаснува тој, се размножува на температури од 36 до 40 степени кај луѓето, но лесно се размножува и на ниски температури, вклучително и на 4 Целзиусови степени, колку што изнесува температурата во фрижидерите.

„Процесот на пастеризација на производот ја уништува оваа бактерија. Но, по завршување на процесот, може да дојде до постпроцесна контаминација со оваа бактерија. Секогаш постои можност процесот на пастеризација да не биде извршен според барањата. Нулта толеранција за оваа бактерија е речиси невозможно да се постигне, но треба да се тежнее на нулта толеранција, зашто оваа бактерија може да биде присутна во кој било сегмент на линиите на производство на храна“, објаснува Трајчев.

На прашањето како може да се заштитиме од оваа бактерија, тој одговара дека тоа може да се случи со тоа што термички ќе го обработиме производот.

Готовата храна да се загрее на 70 степени пред да се консумира

Инаку, една од препораките за заштита од листерија, наведени на веб-страницата на Министерството за здравство, е да се избегнува консумирање паштети, сувомесни производи, чадена риба и други чадени и термички необработени месни производи.

„Храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени. Да не се консумира сирова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца. Сировата и подготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна. Не оставајте подготвена храна на собна температура подолго од 1 час, односно подготвената храна ставете ја во фрижидер веднаш по користењето, каде препорачливо е да се чува максимум три дена и јадењето да не се подгрева повеќе од еднаш“, се некои од препораките.

Виршлите „Вуди“ повлечени од продажба, пронајдена бактеријата листерија моноцитогенес

Aгенцијата за храна и ветеринарство вчера донесе одлука за повлекување од продажба во земјава на пет серии од виршлите „Вуди“, бидејќи во нив било било утврдено присуство на бактерија листерија моноцитогенес (listeria мonocytogenes ST 155). Виршлите ќе бидат уништени, а агенцијата ги повика потрошувачите да не ги консумираат виршлите од подолунаведените серии, односно да ги вратат на местото каде што ги купиле. Инаку, спорните серии од производителот Agricola Trevalli Soc Coap ARL од Италија во земјава биле увезени преку компанијата Колид С Тим од Колешино Струмица.

 

Пријавете неправилности на 0800 3 22 22 или на [email protected].

Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22 или електронски на [email protected].

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...