Фото: Архива на Мета.мк

По повод годинешното одбележување на Меѓународниот ден на водата 22.Март, „Мета.мк“ потсетува дека 2021 година е клучната година во која треба да се завршат тендерските процедури и конечно да отпочне реализацијата на долговетуваните пречистителни станици за отпадни води во Скопје, Битола и Тетово. Со нивната реализација, над 50 отсто од количеството на урбани отпадни води што ги создаваме како граѓани во земјава веќе нема да се влева директно во реките, со што фекалиите повеќе нема да бидат главниот причинител за бактериолошкото и хемиското загадување на речните води.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ информираат дека до крајот на 2021 година се очекува склучување на двата договора за изградба на пречистителните станици за отпадни води во Битола и Тетово, кои ќе се финансираат со ИПА средства на Европската Унија.

„Во завршна фаза на ревидирање е тендерската документација по што истата ќе се достави на одобрување во Делегацијата на Европска Унија, по што истиот ќе биде објавен“, велат од Министерството за животна средина во однос на тендерските постапки за изградба на овие капитални проекти.

Со пречистителната станица за отпадни води во Битола треба да се опфатат фекалиите од Битола и околните населени места, кои во моментов непрочистени се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал. Проектот финансиран од ИПА 2 Програмата на ЕУ е вреден 27,8 милиони евра и со него треба да биде опфатено прочистувањето на урбаните отпадни води во оваа општина.

Во Тетово пак, во близина на селото Фалише, ќе се гради пречистителната станица за отпадни води вредна 30 милиони евра. Идентично како и во Битола, до крајот на годинава треба да се избере најповолниот понудувач што ќе го гради капиталниот објект, којшто треба да обезбеди секундарен третман на урбаните отпадни води од Тетово и околината. На тој начин, во иднина фекалиите нема да се испуштаат директно во реката Вардар.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека двете пречистителни станици за отпадни води во Битола и Тетово ќе се изградат во рок од 24 месеци, а е определен и дополнителен рок од 12 месеци за пријавување на дефекти.

Ова би значело дека веќе во 2024 година треба да запре испуштањето на фекалиите во реките Драгор и Вардар во овие два града.

Покрај тоа што Битола и Тетово се два од трите најголеми градови во земјава, прашањето за решавањето со урбаните отпадни води е најважно во Скопје. Во главниот град за неколку месеци е одложен почетокот на изградбата на пречистителната станица за отпадни води, која наместо кон крајот на годинава, треба да почне да се изведува во јуни 2022 година. Овој стратешки значаен објект што ќе биде лоциран во близина на селото Трубарево, во иднина треба да ги прочистува фекалиите на над 500.000 жители од главниот град. Проектот вреден 136 милиони евра треба да обезбеди во 2028 година да отпочне со работа пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

Со овие три капитални проекти во Скопје, Битола и Тетово, треба да се опфатат урбаните отпадни води од над 700.000 жители на нашата земја, при што најважниот бенефит е подобрувањето на квалитетот на речните води. Ова особено е битно за реката Вардар во нејзиниот горен тек, каде во моментов бактериолошки и хемиски нејзините води се класифицираат во најлошите можни категории.

Со третманот на урбаните отпадни води, квалитетот на водата во реката Вардар треба да се искачи во втора категорија.

На тој начин, би се возобновил животинскиот и растителниот свет во реката, би се овозможило повторно користење на речните води за наводнување на засадените земјоделски површини, но и рибата би била безбедна за консумирање од граѓаните.

Во отсуство на објавени податоци од Државниот завод за статистика за 2020 година, на Светскиот ден на водите потсетуваме дека 67,5 отсто од создадените отпадни води во земјава во 2019 година биле испуштени како непрочистени во водотеците, подземните води и акумулациите. Станува збор за фрапантни 70,2 милиони метри кубни фекалии, кои се еквивалентни на над 5,8 милиони преполни цистерни со овој загадувач на чистите води.