Пречистителната станица за отпадни води за Скопје ќе почне да се гради в година

Локацијата покрај реката Вардар каде што треба да се изгради пречистителната станица за отпадни води во Скопје | Фото: Мета.мк

Владата на вчерашната седница го усвои и го проследи до Собранието законот со кој се обезбедуваат финансиски средства за изградба на Пречистителната станица за отпадни води во Скопје. За реализацијата на овој инфраструктурен зафат ќе се обезбедат 68 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ), 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и неповратни средства од ЕИБ во висина од 10 милиони евра, информираат од Министерството за финансии.

Проектот вреден 136 милиони евра ќе го изведува ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во соработка со градските власти. Владата во наредниот период ќе се обиде да обезбеди дополнителни грантови за изградба на пречистителната станица, со што би се намалило кредитното задолжување за реализација на проектот.

„Третманот на отпадните води од градот Скопје ќе биде трајно решен со изградба на пречистителна станица, со што ќе се намали загадувањето на реката Вардар и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Пречистителната станица за отпадни води ќе биде лоцирана во Трубарево, на левиот брег на реката Вардар. Предвидено е таа да ги третира отпадните води на над 500.000 жители од главниот град. За проектот веќе е изработена физибилити студија, која што беше финансирана од француската влада.