Пречистителната станица во Волково за еден месец пречистила 71.339 кубни метри отпадна вода

Во текот на јануари во пречистителната станица за отпадни води во Волково пречистени се вкупно 71.339 кубни метри отпадна вода, информираше Градот Скопје. Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во механичкиот предтретман на водата отстранило приближно два тона различен отпад.

Пречистителната станица за отпадни води во Волково е наменета за чистење на комуналните отпадни води што доаѓаат од собирното подрачје на населбите Кисела Јабука, Стопански двор и Волково и има капацитет за околу 19.500 жители. За пречистување на отпадните води се користи современа СБР технологија, а се прават и анализи на параметри кои се предвидени во дозволата за испуштање отпадна вода во реката Лепенец.

„Во текот на јануари биле изработени анализи на 14 примероци од две мерни места кои покажуваат задоволителни резултати и висок процент на ефектот на пречистување, а вредностите на параметрите се во границите на максимално дозволените концентрации“, информираат од „Водовод и канализација“.