fbpx

Пребегнат руски офицер и командант на „Вагнер“ раскажуваат за злосторствата извршени од руските сили во Украина

-

Пребегнатиот руски офицер Константин Јефремов и поранешниот командант на руската платеничка војска „Вагнер“ Андреј Медведев во две одделни интервјуа раскажуваат за воените злосторства што ги имаат извршено руските сили во Украина. Станува збор за лица коишто биле директно распоредени во Украина по воената инвазија од Русија, која започна на 24 февруари лани.

Константин Јефремов е највисок офицер од руската војска којшто за првпат се одлучил да зборува отворено во интервју за Би-би-си, а којшто Русија сега го гледа како предавник. Тој бил директен сведок на случувања во Украина за време на воената инвазија. Во интервјуто, Јефремов говори за брутални испрашувања спроведувани од руските власти, за стрелање на Украинци и закани за силување.

Јефремов се обидел неколку пати да поднесе оставка од армијата, но на крајот бил отпуштен бидејќи одбил да се врати на фронтот во Украина, по што побегнал од Русија.

Користејќи фотографии и воени документи доставени од Константин Јефремов, Би-Би-Си потврдува дека тој бил во Украина на почетокот на војната – во регионот Запорижја, вклучувајќи го и моментално окупираниот град Мелитопол.

Во интервју за Би-би-си, офицерот на руската армија кој побегнал од земјата признава: „нашите војници ги мачеа Украинците“.

„Решив да се откажам. Отидов кај мојот командант и му ја објаснив мојата позиција. Ме одведе кај офицер од повисок ранг кој ме нарече предавник и кукавица. Еден полковник ми вети дека ќе ме стави во затвор до 10 години поради дезертерство и ја алармирал полицијата“, раскажува Јефремов.

„Се извинувам на целата украинска нација што дојдов во нивниот дом како непоканет гостин со оружје во моите раце. Фала богу што не повредив никого. Јас не убив никого. Фала му на Бога, не бев убиен“, вели тој, додавајќи дека нема морално право да бара прошка од Украинците, дека не може самиот да си прости и не очекува да му простат“.

Гардијан пренесува делови од интервјуто за Ројтерс и на поранешниот командант на руската платеничка група „Вагнер“, Андреј Медведев, кој побегнал во Норвешка. Тој изјави дека сака да се извини за борбите во Украина и дека сака отворено да зборува за изведување пред лицето на правдата на сторителите на злосторства во конфликтот.

Андреј Медведев, кој ја премина руско-норвешката граница на 13 јануари годинава, вели дека бил сведок на убиства и малтретирањето на руски затвореници однесени во Украина за да се борат за платеничката војска „Вагнер“.

Медведев објаснува дека побегнал преку границата на Арктикот, качувајќи се низ бодликава жица и избегнувајќи гранична патрола со кучиња, слушајќи како стражарите пукаат додека трчал низ шума и преку замрзнатата река што ги дели двете земји.

26-годишниот поранешен командант сега бара азил во Норвешка. Тој во интервјуто вели дека многумина го сметаат за убиец и криминалец, а тој вели дека она што сака прво да го истакне и повтори е дека сака да се извини, иако не знае дали тоа ќе биде прифатено.

Во меѓувреме, украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников е уште еден висок украински функционер којшто предупредува на опасноста од нова руска офанзива врз Украина, пренесува Гардијан.

Резников изјави дека Русија насобрала илјадници војници на границата со Украина и би можела да проба да направи нешто на првата годишнина од почетокот на инвазијата. Тој тврди дека официјална Москва мобилизирала околу 500.000 војници за можната офанзива.

Во септември минатата година, рускиот претседател Владимир Путин нареди мобилизација на 300.000 резервисти, истакнувајќи дека тоа е потребно за да се осигура територијалниот интегритет на земјата. Според Резников, вистинската бројка на регрутирани војници би можела да биде поголема во согласност со нивните проценки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Зеленски не ја вовлече Украина во војна

Украина не е таа која сака војна, ниту, пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има...