Четири години откако беше поднесено обвинението, поранешниот премиер, бегалец од правдата, Никола Груевски е осуден на една и пол година затвор и за случајот „Насилства во општина Центар“. Со првата пресуда од 2 години затвор, севкупно пребеганиот поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски треба да одлежи 3,5 години во македонските затвори.
Покрај Груевски, на условна казна затвор од една година е осуден и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Тој во следните 4 години не смее да стори ново кривично дело, инаку ќе мора да ја отслужи затворската казна.
Груевски сега е осуден за поттикнување на насилство како нарачател на вандализмот и насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година по локалните избори на кои победи кандидатот на тогашната опозиција Андреј Жерновски.
Другите петмина извршители, сите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Кривичниот суд се осудени на условни затворски казни од 2 години. Сите обвинети се задолжија да ја надоместат штетата на Општина Центар во висина од 27 илјади денари.
Обвинението на веќе непостоечкото Специјално јавно обвинителство „Насилства и шамари во Центар“ е поднесено во септември 2016 година. Според него, за заштита на лични бизнис интереси, Груевски преку Јанакиески сакал смислено да ја спречи седницата на Советот на општина Центар на која требало да се смени ДУП-от со други градби за Мал ринг.
Толпа поддржувачи и членови на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, за да ја спречат седницата во два наврата ја нападнаа и ја искршија бараката каде требаше да се одржи седницата.
По згаснувањето на СЈО, случајот го презема Јавното обвинителство, но со обвинителката која беше дел од СЈО, Фатиме Фетаи. Фетаи по пресудите за „Насилство во Центар“, денеска изјави дека Обвинителството не е задоволно од изречените казни за обвинетите и ќе се жали на пресудите кај судовите од повисока инстанца.
„Не сум задоволна од изречените казни, особено од условните казни на обвинетите. Јас во завршните зборови кажав дека алтернативна мерка, условна казна доаѓа во предвид само за Игор Бошковски. За другите сметав дека мораше да има казна затвор. И затоа ќе поднесеме жалба на овие пресуди“, рече Фетаи.
Ова е прва пресуда против Миле Јанакиески против кого се водат други судски постапки и течат процеси. Во четири од нив, тој е обвинет заедно со екс премиерот Груевски: во ТНТ, Титаник, Траекторија и Организатори на 27 април.
Груевски доби азил во Унгарија пред две години, а минатата година Македонија побара негова екстрадиција за да му се суди за случајот „Тенк“. Но, барањето беше одбиено, бидејќи унгарскиот суд оцени дека тој има статус на бегалец во Унгарија. За случајот „Тенк“ на Груевски му е изречена двегодишната затворска казна, а тој се однесува на набавката на мерцедесот, во вредност од 600 илјади евра, пари од МВР.
Никола Груевски беше обвинет во земјава во вкупно шест случаи (пресуда има само за „Тенк“ и сега за „Насилство во Центар“). Другите четири се „Титаник“, „Т.Н.Т.“, „Траекторија“ и „Талир“ со тоа што за „Траекторија“ делата за кои е обвинет Груевски застарија пред околу една година.
Во дел од овие случаи Груевски е обвинет за дела за кои се предвидени затворски казни и над десет години. Досега нема на повидок завршница на ниту еден од нив, а судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“ е на почеток.
„Траекторија“ е предмет кој го отвори СЈО и во кој Груевски, заедно со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски беа обвинети дека го оштетиле буџетот за 155 милиони евра преку финансиски проневери при изборот на фирма за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип за кои беше подигнат кредит од кинеска банка во износ од над половина милијарда евра. По 10 октомври настапува апсолутна застареност на ова дело.