Празникот на уметноста одбележан и кај нас, македонските уметници со специјални изложби и нескромна уметност

Фото: Мета.мк

По повод светскиот ден на уметноста кој се одбележува на 15 април, избрани македонски уметници, членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, како и младите уметници, студентите на Факултетот за ликовни уметности, организираа целодневни настани проследени со изложби.

Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) се претстави со изложбата „Поместени граници“ составена од уникатни изработки, дела и инсталации на осум визуелни уметници. Делата на Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска беа распослани низ дворот на Министерството за култура, што иако претставува ограничен простор викендов ги помести своите граници доволно за секое од извонредните дела мирно да ја пренесе својата порака кон општеството.

„Изгонување од рајот“ – делото што на посетителот му дава мисли што ќе траат многу подолго одошто неговата средба со самото дело. Набљудувачот не може да го занемари збирното значење што ги засенува едноставните материјали и техника за креирање. Или делото на Базерко, „Бесконечно“ кое стои исправено и цврсто, а сепак е ранливо и тивко, но доволно гласно да зборува и да се слушне неговата порака.

Во сосем поинаков амбиент, преку цел плоштад и шетање низ уличките на Старата скопска чаршија екипата на „Мета.мк“ викендов имаше можност да го посети и мултиуметничкиот настан преку кој студентите од Факулетот за ликовни уметности на домашен терен во просториите на факултетот и дворот на Сули Ан го празнуваа денот на уметноста.

На настанот беа изложени голем број дела меѓу кои имаше графики, слики и скулптури со најразлично значење, боја и суштина изработени од студентите. Покрај тоа, на агендата се најде и едночасовна филмска програма во соработка со Факултетот за драмски уметности на која беа претставени четири студенстки кратки филмови. Студентите организираа и перформанс преку кој на пристуните им го презентираа процесот на изработување на едно графичко дело.

Целодневниот настан по повод празникот на уметноста беше одлична можност за дружба меѓу млади луѓе, љубители и поддржувачи на уметноста кои во текот на целиот ден беа придружени со убава жанровска музика за која исто така беше одговорен студент од факултетот.

Организатор и главен поддржувач на настанот беше тимот на младинската организација Europe House Skopje.