Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за борба против лажните вести „FakeNews Tragač“ се впуштил во потрага по вистината за видео снимката од болницата „Сант Орсола“ во Болоња, која интензивно се ширеше деновиве на социјалните мрежи. На неа една жена на српски јазик кажува дека ситуацијата во Италија „воопшто не е алармантна“ и дека луѓето „направиле поголема паника од ситуацијата“. Жената на снимката вели дека „болниците се полни, болни има многу, а тука се сите соби празни“.

„FakeNews Tragač“ контактирал со персонал од клиничката болница и добил информација дека ситуацијата на снимката не се однесува на сите оддели во „Сант Орсола“.

Алберто Амедео, хирург во „Сант Орсола“ изјавил дека на видеоснимката навистина се гледа дел од неговата болница, но дека само одредени делови се празни.

– Одредени делови на болницата се празни, бидејќи операциите моментално се вршат само во итни случаи и ситуации кога е некој животно загрозен – изјавил хирургот за српскиот сервис за борба против лажните вести.

Амедео исто така објаснил дека ситуацијата во Болоња не е апокалиптична, но дека е сериозна, и постои сериозна можност да се влоши.

– Иако не е точно дека луѓето умираат во ходници, барем не тука во Болоња, одделенијата за инфективни болести, како што е моето, се полни, но и многу други се претворени во Ковид-19 одделенија – вели хирургот во изјава за „FakeNews Tragač“.

Овој сервис посочува и на фотографиите на Фејсбук-страницата на поликлиниката „Сант Орсола“ на кои може да се види реалната ситуација.

Босанско-херцеговскиот сервис за борба против лажните вести „Raskrinkavanje.ba“, пак го проверил пишувањето на поголем број онлајн медиуми од српско-хрватското говорно подрачје дека Исланд ги тестирал сите граѓани за новиот корона вирус. Но иако во оваа оддалечена земја се тестирани поголем процент на население отколку во која било друга земја, таквото тврдење на медиумите не е основано, пишува сервисот за борба против лажните вести.

Како аргументи на своето тврдење тој наведува дека освен изнесување на таквото тврдење во насловите на анализираните текстови, во самите текстови не се кажувало дека се тестирани сите, односно се наведувало дека се оди кон се поголема бројка тестирани.

Како уште еден аргумент за прогласување на ваквите текстови за дезинформирачки, „Raskrinkavanje.ba“ ги наведува податоците од официјалниот веб-сајт за состојбата со новиот корона вирус на Исланд – Covid.is, до 30 март биле тестирани преку 16.000 лица, а Исланд моментално има 340.000 жители.