fbpx

Православните верници се фрлаа по крстот во осветените води

-

Денеска низ Македонија православните верници го прославуваат празникот Богојавление-Водици. По одржувањето литургии во соборните храмови, верниците се упатуваа кон местата каде светиот крст се положуваше во водите, кои претходно беа осветени од црковни претставници. Верниците по осветувањето полнеа од осветената вода, за која се верува дека е лековита.

На централната свеченост во Скопје, светиот крст од реката Вардар го извади Душан Чимев од Виница, а од Охридско Езеро – Цветан Мицкоски од село Белчишта.

На прославата во Гостивар, која се одржа по повеќе од 70 години, 28-годишниот Дарко Лавдинов го фати крстот што во Вардар го положи митрополитот г. Јосиф. На одбележувањето на овој празник, во Гостивар присуствуваше и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој на Лавдинов му подари филигрански изработен крст.

Претседателот Иванов присуствуваше и на свеченоста во Тетово, каде крстот го фати 28-годишниот Даниел Милошески. Крстот се фрлаше во базенот во дворот на соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“.

Премиерот Никола Груевски овој свечен ритуал го проследи во Велес, каде помеѓу 100 пријавени кандидати, најсреќен беше 28-годишниот Драган Милков, кој од премиерот на подарок доби лаптоп. Претходно во црквата „Свети Спас“ се одржа литургија.

Во Струмица, Иво Јонков од Бугарија го фати светиот крст што беше фрлен во базенот „Аквариус“, а претходно, со почеток во 10.30 часот, во црквата „Св. Кирил и Методиј“ се одржа литургија.

Четриесет момчиња скокнаа во базенот во дворот на соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово, а најсреќен беше 20-годишниот Виктор Петковски, кому ова му било петти обид да го фати светиот крст.

Во Делчево, крстот се фрлаше во реката Брегалница, а го извади 20-годишниот Винко Златковски од село Габрово.

Од водите на Крива Река во Крива Паланка, крстот го извади Никола Јовановски, кој влезе во водата заедно со уште 50 други верници.

Во Штип, крстот го фати Горан Јовевски, кој се фрлал петпати досега, но годинава првпат успеа прв да дојде до светиот крст. Оваа година Брегалничката епархија одлучи во Штип крстот да се фрла само во реката Брегалница, а не во градскиот базен како минатите години. Од Брегалничката епархија, покрај тоа, одлучија на женската популација да ѝ биде забрането активно учество на овој ритуал.

Во Дебар, светиот крст го фрлаше Благоја Спировски, намесникот на Дебарската парохија, во базенот кој се наоѓа во дворот на црквата „Света Петка“. Крстот го фати Александар Мицевски од Охрид, по потелко од Дебар, ученик во средното медицинско училиште. Тој вторпат го фаќа крстот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...