Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици, поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на Јован Крстител. Празникот, кој уште се нарекува Водици поради големото осветување на водите што го извршува црквата на овој ден, се празнува уште од вториот век од нашата ера.

На овој ден, традиционално во реките се положуваат крстови. Оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи среќа и благослов во текот на целата година.

Како и претходните години, најмасовна посетеност на манифестациите по повод Богојавление – Водици се очекува да има во Скопје и во Охрид. Во Скопје за учество на манифестацијата „Водици 2017“ се пријавени повеќе од 100 граѓани, а кум е сопственикот на ресторанот „Стара куќа“, Димитриј Јовановиќ.

Централната манифестација ќе се одржи напладне, кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го положи крстот во реката Вардар од мостот Слобода. Претходно, од 9 часот, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рожденство на Пресвета Богородица“.

Утринава во сите православни храмови во Охрид се служеа богослужби, по што литиите се упатија кон градското пристаниште, каде во 10 часот ќе бидат осветени езерските води и ќе биде фрлен Светиот крст. Во водите на Охридското Езеро треба да влезат повеќе од стотитина граѓани.

– За оној што ќе го фати светиот крст ќе следуваат скромни подароци. Црквата ќе му подари крст, а од страна на локалната самоуправа ќе добие икона – вели претставникот од Дебарско-кичевската епархија, отец Илија Ристески.

За празникот во Охрид допатуваа бројни гости, во најголем дел од земјава и од регионот, пред сè, од Бугарија, Албанија, Грција и од Србија.

Најавено е на богојавленските чествувања во Охрид да присуствуваат и претставници на дипломатскиот кор во земјава, меѓу кои и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачевски, вели дека и годинава, како и минатата, манифестацијата е во организација на општинските служби и јавни претпријатија, а покрај нив се вклучени и сите здруженија и институции кои постојано помагаат околу настанот, меѓу кои општинскиот Црвен крст, Нуркачкиот центар „Амфора“, Капетанија и СВР од Охрид.

Бакрачевски ги повика граѓаните масовно да се вклучат во одбележувањето на празникот, а туристичките работници подготвено да им излезат во пресрет на барањата на бројните гости за празникот Богојавление – Водици.