Реконструкција на локална улица во Тетово, во близина на станицата за мерење на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина е најверојатната причина за зголемените концентрации на ПМ 10 честичките во воздухот во овој град, се вели во информацијата објавена на сајтот на МЖСПП. Според неа, откако изминативе денови мерната станица во Тетово, лоцирана во дворот на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, покажувала присуство на штетни честички во воздухот над дозволената граница, Министерството побарало од Државниот инспекторт за животна средина да излезе на терен и да ги утврди причините за загадувањето.

После направениот увид се утврди дека на булеварот Видое Смилевски Бато, во близина на самата локација на мерната станица се врши реконструкција на самата улица, при што е утврдено дека се генерира значителна количина на прашина. Контактирани се службите на ЈП „Македонија пат“ и се задолжија редовно да се прска со вода додека трае реконструкцијата на патот, со што количината на генерираната прашина ќе се намали на дозволените граници.

Енормно зголемување на концентрацијата на ПМ 10 честичките во Тетово беше забележано од страна на државните мерни станици на 9-ти, 10-ти и 11 ноември, кое се движеше од 329 микрограма на кубен метар минатата сабота до дури 801 мг/м3 во недела навечер и 554 микрограми во понеделникот попладне.

– Свесни сме за високите вредности што ги покажаа мерните станици во Тетово минатата вечер, јас лично бев таму за да видам како работи мерната станица во овој град. Тој додаде дека е забележан трендот во приближно исто време вредностите на ПМ честичките многу се покачуваат а потоа во текот на ноќта се намалуваат и вети дека ќе се утврди дали е во прашање технички проблем или се работи за конкретен загадувач на локално ниво за да видиме што да превземеме – рече министерот за животна средина Насер Нуредини на брифингот за новинарите во понеделникот, на новинарско прашање кои се причините за екстремните вредности на ПМ10 честичките во Тетово.

Од граѓанското здружение „Еко герила“ од Тетово информираат дека голем број на граѓани им се обратиле со прашањето што се случува со измереното загадување викендов, но потврдија дека пиковите на загадувањето се совпаѓаат со градежните активности на улицата.

Откако на социјалните мрежи се појавија информации дека изминатиов викенд и во скопска Гази Баба се регистрирани енормни вредности на ПМ честичките, од Министерството информираа дека во тој случај се работело за новите инструменти кои се неодамна инсталирани и кои се разликуваат од претходните бидејќи имаат филтри во облик на ленти.

– Не можеме секогаш да добиеме исти инструменти за станиците. Ова се нови инструменти кои бараат на некаде 50-60 дена да се менува лентата. Се случило некаде во тој период лентата да заврши со работа и тој самиот покажал бројка 999, додека не ја сменивме лентата. Три часа откако го видовме пикот ја сменивме лентата, се покажа дека концентрациите се нормализирани. ставивме веднаш потсетници на некои 50тина дена д ги менуваме, за да не се случува таков пик – информираа од МЖСПП.