Прво ни ги намалија платите, потоа во март не ни дадоа ниту едно евро, а сега сум отпуштен од работа, ова за „Порталб.мк“ го изјави еден од поранешните келнери од Тетово. За ваквите повреди на работничките права за време на епидемијата со корона вирусот, „Порталб.мк“ разговараше со доцентот Арта Селмани и со инспекторот за труд Амир Имери.  

– Ужасно е, се ближи крајот на април и немам никаков приход. Ме отпуштија од работа, не знам дали треба да го обвинам сопственикот бидејќи и тој не работи, на почетокот ни беа намалени платите, а сега немам ниту едно евро приход – ова го изјави еден поранешен келнер од Тетово.

За да го разјасниме горенаведениот случај, ја прашавме професорката по трудово право Арта Селмани од Универзитетот на Југоисточна Европа во однос на тоа дали овој работник ги ужива истите права како и сите други, но за жал се покажа дека тоа не е така.

– Работниците кои немаат писмени договори за вработување, не ги уживаат законските права на работниците, така што мојот апел е сите работници да бидат повнимателни во однос на правата што ги добиваат во моментот кога склучуваат договор за работа и моментот на нивното доставување до Агенцијата за вработување. Со оглед на тоа што кај нас има значителен број работници „на црно“, Владата мора да обезбеди посебен план за материјална поддршка на овие лица – објасни Селмани.

Трудовиот инспектор Амир Имери вели дека овие луѓе кои навистина припаѓаат на неформалната економија не се законски заштитени. Тој препорачува истите да се пријават во социјалните центри.

Во случај на отпуштени работници за време на корона вирусот, професорката Арта Селмани додава дека обврска е на работодавачот да преземе мерки за да ги избегне ризиците што можат да ги загрозат работниците при изведување на работата со заразени лица и во услови на загрозеност.

Што се однесува за тоа кога, колку и во која форма може да се случи намалување на платата, осврнувајќи се на позитивните закони, таа ја објаснува формата како може да се случи тоа.

– Правото на плата е уставна категорија што мора да му се исплати на работникот како награда за сработеното. Во однос на наградување на работата, конкретно за време на тековната состојба, треба да се повикаме на член 112 (став 7 и 10) од Законот на работни односи кој предвидува дека: Доколку работникот не може да ја врши работата заради виша сила, има право на половина од платата, но би имал право доколку би работел. Во случај на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен да издаде решение на работникот и да плати 70 отсто од платата за период до три месеци во тековната година – вели  Селмани.

Доколку работниците сметаат дека им е прекршено некое од работничките права, тие треба да поднесат тужба до Државниот инспекторат за труд на телефонската линија 15131. Работниците, исто така, за сите нивни проблеми, можат да се обратат во правната клиника „Про Боно“ при УЈИЕ, преку е-маил legalclinicprobono@seeu.edu.mk.

И невладината организација „Мултикултура“ нуди бесплатна правна помош за сите работници кои веруваат и имаат релевантни докази дека нивните права се повредени во овој период на пандемија. Тие може да се јават на телефонот 044377775 или преку е-пошта адреса на info@multikultura.org.mk.

За да се ​​заштитат работниците од ширење на корона вирусот и да се осигурат дека не им е повредено ниту едно право гарантирано со закон, на терен секој ден се трудовите инспектори. Инспекторот Амир Имери посочува дека сите препораки на владата се почитуваат максимално.

– Од нашата работа на терен, можам да кажам дека сите мерки и препораки дадени од владата се почитуваат и од работниците и од работодавците – вели инспекторот Имери.

Тој ни објасни дека вработените во приватниот сектор, кои се опфатени со привремените мерки за заштита од ширење и спречување на Ковид-19, делот од неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година треба да го искористат до 31 мај 2020 година, додека делот од новиот годишен одмор треба да се искористи до 30 јуни 2020 година.

– Ова се однесува за три категории на лица кои веќе користат платен одмор врз основа на одлука на Владата: родители на деца до 10 години, хронично болни лица и бремени жени – додава Имери.

Вработените во јавниот сектор кои се активно вработени и ангажирани во текот на траењето на мерките за заштита од ширење и спречување на Ковид-19, можат да го користат неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година до 31 мај 2020 година.