fbpx

Пратениците се караа за платформата, Вељаноски броеше процедурални забелешки

-

Денешното, четврто продолжение на конститутивната седница на Собранието неколкупати беше прекинувано поради процедуралните забелешки што ги даваа пратениците, наместо да водат расправа за точките на дневен ред, односно да ги изберат членовите и претседателот на Комисијата за избори и за именувања, а потоа и претседател на Собранието.

Претседавачот на Собранието, Трајко Вељаноски, за време на паузата за ручек ги повика претставниците на партиите на координација за да се избегне губење време на процедурални забелешки.

– Побарав од службите да подготват извештај која партија колку процедурални забелешки побарала до паузата. СДСМ побарале 13 процедурални забелешки, ВМРО-ДПМНЕ – осум, а ДУИ една. Ова е само за да видите кој колку го троши времето – рече Вељаноски.

На крајот на денешното продолжение на седницата, претседавачот Трајко Вељаноски соопшти дека таа поминала со само пет реплики и пет контрареплики, но со дури 50 процедурални забелешки.

Оливер Спасовски од СДСМ претходно рече дека сугерирал да биде прекинат секој што не се придржува на темата.

– На координациите глумиме координација на неколку пратеници наместо на политичките партии. Точно е дека имаше предлог да се откажеме од процедуралните забелешки, но му сугерирав на претседавачот сè она што не е реплика и секому што не се држи до темата на дневен ред да му се одземе збор. Покажуваме дека не сме на висина и одговорност на задачата. Се правиме слепи при очи – вели Спасовски.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, парламентарно мнозинство е она што се составува врз основа на договор на политички партии по избори, но демократија е кога тој договор ќе биде ставен на очиглед на јавноста. Тој побара Законот за јазиците да биде објавен јавно.

Џевад Адеми од ДУИ истакна дека се знае што значи парламентарно мнозинство, а што значи добивање на избори.

– Нас граѓаните нè следат и имаат своја оценка за димензијата на настаните во Собранието. Определени се нормите што значи парламентарно мнозинство, а што значи да ги добиеш изборите. Може да имате поголем број мандати, но истовремено недоволно мандати за да се запази демократијата. Немате 61 пратеник – нагласи Адеми.

Инаку, во фокусот на дебатата на денешната седница повторно беше платформата на албанските партии. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараа СДСМ и другите партии да се согласат на нови парламентарни избори на кои ќе ја понудат платформата за да видат колкава поддршка ќе добијат од граѓаните.

Пратенциите од СДСМ тврдеа дека платформата не е услов за формирање влада и дека основа за формирање на парламентарното мнозинство и на новата влада е предлог-програмата за влада на СДСМ.

Пратеникот на СДСМ, Горан Мисоски, побара Собранието да продолжи да расправа и по 18 часот, сè додека не се избере претседател на Собранието и новата влада. Тој побара неговиот предлог да се стави на гласање, но претседавачот со седницата, Вељаноски, не го прифати барањето со образложение дека такво нешто било предвидено со стариот деловник за Собранието, но не и со актуелниот.

Координативната седница за избор на претседател и на членови на Комисијата за избори и за именувања, а потоа и на претседател на Собранието, ќе продолжи утре во 11 часот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Наплата на даноци и трошоци за плати и комуналии во 2023: Струга, Тетово, Чаир и Скопје

„Договорни услуги“ во износ од стотици илјади евра, платите и придонесите доминантна трошковна ставка во буџетите на локалните власти. Во второто продолжение на „Анализа“ се претставуваат податоци за приходите...