Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму нема да учествуваат во работата на Собранието, потврдил за телевизија „Телма“ привремениот координатор на пратеничката група, Влатко Ѓорчев.

Опозицијата ќе продолжи да ја бојкотира работата на законодавниот дом, бидејќи била револтирана од денешната одлука на Кривичниот суд во Скопје со која им се продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година.

Ѓорчев образложи дека и покрај подадената рака од страна на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, новата одлука за продолжување на притворот, одмагала на политичкиот дијалог.

„Одговорноста за состојбите е во партијата на власт, тие го креираат амбиентот во државата. На утрешната седница нема да учествуваме, во околности какви што имаме сега. Очекуваме конструктивен пристап од власта, да покаже добра волја и нормална комуникација. Новото раководство на партијата нека биде повод за нов почеток. Консултациите со СДСМ ќе продолжат, но ако се влоши позицијата и состојбата на прогонетите, тогаш комуникацијата помеѓу двете партии ќе биде во еднонасочна улица“, изјави Ѓорчев.

Премиерот Зоран Заев, денеска рече дека очекува што побрзо опозицијата да се врати во Собранието, за заеднички да работат на реформите кои државата ќе ја придвижат кон ЕУ и НАТО.

Тој додаде дека пратеничките прашања утре во Собранието се за пратениците на опозицијата.

– Пратеничките прашања утре во Собранието се за пратениците од опозицијата, ако не дојдат, седницата ќе трае кратко. Немам намера, долго да одговарам на прашањата на пратениците од власта, иако, и тие имаат можност да постават прашања. Ако пратениците на опозицијата не дојдат утре, се надевам дека ќе се појават на седницата по Нова година, закажана на 9 јануари – рече Заев.