Пакетот закони што политичките партии потписнички на Договорот од Пржино ги договорија, според најавите на политичарите, денеска треба да се најдат пред пратениците во Собранието.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски,  пак, вели дека сè уште не се знае дали законите денеска ќе бидат процесуирани во Собрание.

– Треба да имаме координација со претседателот на Собранието, па дури потоа ќе знаеме дали денеска ќе гласаме за законите –рече Сугаревски.

Пратениците ќе треба да гласаат за нов закон за влада, со кој се уредени надлежностите на новите минстри и заменици-министри, законите за приватност и за „свиркачи“, изборниот законик и за новите министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

Партиите во петокот наутро го финализираа Договорот од Пржино и одлучија за нови министри да бидат поставени Оливер Спасовски за МВР и Фросина Ременски за труд и социјална политика. Дополнително, заменици-министри од редовите на СДСМ ќе бидат  Александар Кирацовски за информатичко општество и администрација, Кире Наумов за финансии и Љупчо Николовски за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Денеска работните групи треба да продолжат да разговараат и за медиумите. Инаку, рокот за партиите да постигнат договор за медиумите беше 15 октомври, но целиот процес се одложи поради тоа што партиите не можеа да се договорат за изборната регулатива.