Предлог-­амандман за дефинирање на бракот како заедница само меѓу еден маж и една жена, основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација ќе се доуредува со закон и уште неколку амандмани за уставни измени ќе се најдат денеска пред пратениците во Собранието. За да се усвојат амандманите, за нив треба да гласаат 82 пратеника.

Два од амандманите се однесуваат на одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, како и дека начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство. Предложен е и амандман со кој е предвидено Владата да ја утврдува фискалната политика во Македонија во рамки на утврдени фискални правила и тоа дефицитот на буџетот да не смее да надмине три отсто од БДП, а јавнот долг да не смее да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во овој амандман се предвидува Владата да може само во исклучителни ситуации да отстапи од утврдените фискални правила и тоа во случај на природни катастрофи и екстерни шокови, кои влијаат на загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на реалниот БДП.

Со предлог- амандманите се предвидува преименување на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Собранието да го избира и разрешува Главниот ревизор, а Судскиот совет да го сочинуваат 15 члена.

На Собраниската комисија за уставни прашања, само ДПА не ги поддржа амандманите.

Денеска во Собранието ќе се одржат уште две пленарни седници, првата, во 11 часот, ќе биде обраќање на Илир Мета, претседател на Собранието на Албанија, а на втората седица ќе се расправа за измени на предлог-законот за прекршоци.